Полициски службеници од Регионален центар за гранични работи „Југ“ кои го покриват со надлежност подрачјето на Гевгелија, Дојран, Богданци, Валандово, Кавадарци, Неготино, Демир Капија, за еден ден на југот пресекле три акции за криумчарење мигранти, привеле тројца криумчари и вратени се во прифатен центар „Винојуг“ кај Гевгелија вкупно 22 мигранти.
Акциите се спроведени во текот на вчерашниот ден, вторник, едната таргетирана на Автопатот „Пријателство“, другата на регионалниот пат Дојран-Богданци. Акциите се веќе филмски – со бегство на осомничените, со полициско гонење, со сообраќајка, со повредени лица, со приведување на криумчарите.
Едната акција е во атарот на Гевгелиско, другата кај Паљурци, Богданско.
Во полициските извештаи е наведено:
– „На 12.09.2023 во село Негорци, гевгелиско, полициски службеници од Регионален центар за гранични работи Југ го лишиле од слобода С.М.(23) од Босна и Херцеговина, со привремен престој во Скопје. Околу 19:45 часот на автопатот Скопје – Гевгелија, тој не застанал на знак за запирање даден од полициски службеници и со патничко возило „Aуди“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, удрил во рампа од наплатната станица Смоквица, продолжил со движење и во село Негорци удрил во столб и застанал.
Во возилото биле пронајдени 16 лица мигранти, од кои еден се здобил со тешки телесни повреди, а двајца со телесни повреди, констатирани во Медицински центар Гевгелија. Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Гевгелија.
С.М. бил задржан во Полициската станица Гевгелија, а за случајот бил запознаен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје“ – се вели во полицискиот билтен на МВР.
Втората акција, во атарот на Богданци е заведена вчера, вторник, 12.09.2023 во 13:55 часот. Во извештајот на МВР стои наведено:
– „На 12.09.2023 во близина на браната Паљурци, општина Богданци, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Стар Дојран при Регионалниот центар за гранични работи „Југ“ ги лишиле од слобода А.Н.(22) и Р.А.(28), двајцата од Република Србија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“.
Во 13:55 часот на патот Дојран – Богданци, кај браната Паљурци, полициски службеници забележале како во патнички возила „Опел“ и „Ауди“, со скопски регистарски ознаки, влегуваат мигранти, по што тргнале по нив. Набргу, возилата застанале и возачите го напуштиле местото, а во близина на возилата биле пронајдени шест лица мигранти од Сирија.
По преземени мерки и активности, биле пронајдени А.Н. и Р.А. и биле лишени од слобода. За случајот бил известен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“ – известува МВР.
Ваков интензитет на криумчарење на мигранти низ југот на државата укажува дека не само што беше, туку дека Македонија се’ уште е „магистрала“ за нелегалните мигрантски движења и криумчарење на мигранти.