Медицината на труд и отворената Амбуланта во Гевгелија од оваа сфера на здравствената дејност е Здравствена установа под надлежност на Министерството за здравство на РС Македонија и претставува дел од мрежата на „Медицина на труд“ раководена од Институтот на медицина на труд во Скопје.
Ова гранка на медицинска одговорност во Гевгелија е доверена на доктор Тодорка Окова, како единствен доктор специјалист по медицина на труд во Гевгелија. Таа е вработена во Општа Боница Гевгелија, а од 1 јули 2022 година раководи со Амбулантата по медицина на труд во Гевгелиската болница.
Оваа гранка на медицината беше застапена пред 10-15 години, во ОБ Гевгелија, но по заминувањето во пензија на д-р Блажо Стоев, остана не пополнета поради немање на стручен специјалистички кадар. Што изгубија граѓаните, а што добиваат денеска гевгеличани и пациентите од регионот со функционирањето на Амбулантата по медицина на труд? На ова прашање одговоара д-р Окова.
Д-р Окова: Медицина на труд е гранка од медицинската наука која учествува во унапредувањето на највисок можен степен на физичка, психичка, социјална благосостојба на сите работници преку примена на примарни здравствени прегледи кои што имаат за цел унапредување на здравствената состојба и работната способност на работникот, за работни места каде што постои ризик од опасности, штетности, односно може да настапат повреди при работа, или болести поврзани со работата.
Значи водиме грижа за работникот, или кандидатот кој сака да се вработи, уште пред да настанат ризици по нивното здравје од природата на дејноста на работното место.
GevgelijaNET: За какви примарни здравствени прегледи станува збор, на кои треба да биде подвргнат работникот, како корисник на Вашите услуги?
Д-р Окова: Тоа се Превентивни прегледи кои се класифицирани во четири видови групи, а тоа се: систематските прегледи на работниците во работните организации, колективи, фирми кои се задолжени за такви прегледи со Закон, потоа периодични прегледи, па претходни (кои се изведуваат пред вработувањето на работникот) и насочени прегледи.
Сите овие прегледи ја оценуваат психофизичката способност на работникот, неговото сеопшто здравје и здравствена состојба и врз основа на утврдените резултати од ваквите прегледи, а во корелација со изјавите за безбедност при работа се проценува ризикот од работното место за односниот работник.
GevgelijaNET Невработените лица брзаат да се вработат, колку од нив на почетокот од конкурсната постапка размислуваат за ризиците од работното место? Што воопшто им овозможува доаѓањето на превентивен преглед во Амбулантата по медицина на труд кај Вас?
Д-р Окова: Превентивните прегледи учествуваат во носењето на оценките за општата работна способност, односно во издавањето на Лекарско Уверение за вработување. И, учествува во носењето на оценката за здравствената и психофизичката состојба на кандидатите за возачи и возачи во делот на сообраќајната медицина, согласно Правилникот за здравствените критериуми кои што кандидатите за возачи и возачи на моторни возила, треба задолжително да ги исполнуваат.
Тоа значи дека нашата здравствена установа, како дел од јавното здравство при Општа болница Гевгелија, преку нашата Амбуланта по медицина на труд овозможува кандидатите за вработување да се стекнат со валиден документ, а тоа е Лекарско Уверение за нивната здравствена состојба и психофизика погодност за работа.
Особено при огласите на Агенцијата за државни службеници задолжително е Лекарско Уверение од Амбуланта по медицина на труд. Освен ова, во нашите услуги спаѓаат изведување на превентивни лекарски прегледи и издавање на следните документи:
– Систематски прегледи;
– Лекарско Уверение за вработување;
– Лекарско Уверение за кандидати за возачи;
– Лекарско уверение за возачи;
– Лекарско уверение за конкурирање за добивање виза;
– Лекарско уверение за добивање државјанство;
– Лекарско Уверение за Лиценца за работа во друга земја,
– Лекарско Уверение за дозвола за работа во друга земја (привремен работен престој),
– Лекарско Уверение при обезбедување Лиценца за работа како обезбедување во странсство,,
– Лекарско Уверение при обезбедување Лиценца за работа како негуватели/ки (во дом за стари лица), и други потреби во меѓународниот промет на работната сила.
GevgelijaNET: Тоа значи дека Вашата Амбуланта има широка лепеза на ингеренции во утврдувањето на здравствената состојба на работната сила во државата и на работната сила која сака да замине работно надвор од земјата. Тоа значи дека сте единствена валидна институција во утврдувањето на овој здравствен статус на работоспособното население?
Д-р Окова: При огласи за вработување огласени преку АВРМ и за случите на сообраќајна медицина овластен за издавање Лекарско Уверение е Здравствена установа „Медицина на труд“ при Општа Болница Гевгелија, која е надлежна за подрачјето и на општините Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово.
Значи сите кандидати за возачи, сите возачи на моторни возила, сите професионални возачи, на автобуси, товарни возила треба да поседуваат согласно Закон соодветен докумет за нивната исправна здравствена состојба и психофизичка спремност за да бидат зад волан, а надлежен орган за издавање на законски валиден документ е Амбулантата на медицина на труд при Општа Болница Гевгелија. Зборувам за оние лица кои се на подрачјето на живеење и дејност во општините Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово. Не може Амбуланта на медицина на труд од друга Јавна здравствена установа во државата да издаде Лекарско Уверение за возач од општините каде е надлежна Гевгелиската Болница. Ова објаснување е со намера нашите граѓани да не шетат по шалтери и институции, туку да знаат дека здравствената способност на работниците активни и тие кои сакат да се вработат, здравствената состојба на возачите и тие кои сакаат да бидат возачи се утврдува и се издава документ само во Амбулантата по медицина на труд во ЈЗУ „Општа Болница Гевгелија“.
GevgelijaNET: Каде и како можат да Ве најдат заинтересираните граѓани?
Д-р Окова: Нашата Амбуланта е сместена во поранешните простории на „кожното одделение“ на влезот од Болницата. Работното време на Амбулантата по трудива медицина „Медицина на труд“ е од 07 до 15 часот. Прием на странки е од 08 до 11 часот.
Амбулантата по трудова медицина во Општа Болница Гевгелија е отворена од 1 јули 2021 и функционира веќе 14 месеци под раководство на доктор специјалист по трудова медицина д-р Тодорка Окова. Таа е дипломец на Медицински факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, а од 2017 како вработена во Општа Болница Гевгелија е упатена на специјалистички студии по трудова медицина кои ги завршува во 2021 година. Поради тогаш актуелната ковид состојба својот дел од работниот ангажман во Болницата го продолжува како одговорна за вакцинациите против корона вирусот за подрачјето на надлежност на Општа Болница Гевгелија.
Со надминувањето на ковид кризата започна да работи Амбулантата за трудова медицина во истите простории каде што беше вакциналниот пункт против ковид, а тоа се поранешните простории на „Кожното одделение“ во бараката на влезот од Гевгелиската болница.
GevgelijaNET: Што е предноста на Вашиот документ за разлика од ПЗУ кои ја пополнуваа оваа услуга за периодот кога Амбулантата по медицина на труд не функционираше во Гевгелија?
Д-р Окова: Пред се стручна, професионална лекарска услуга, стручен специјалистички преглед, издавање на документ валиден пред државните институции и пред странските амбасади.
Цените на услугите за систематските прегледи се исти, бидејќи се пропишани со одлука на Министерството за здравство. Цените на Лекарските Уверенија се поефтини, со оглед на тоа што ние сме Амбуланта која врши здравствена дејност во Јавна здравствена установа каде дел од услугите се покриваат од Фондот за здравство, а тоа значи помала цена која треба да ја платат граѓаните.
GevgelijaNET: Во функција на одржување на здравствената подобност на квалитетната работна сила која е неопходна за одвивање на стопанството и сите сфери од општествениот систем, Ви посакуваме плодна работа и одржување на здрави работници кај нас, за жал и за оние кои со Ваш Лекарски документ заминуваат да станат европски работници од својата професионалност.