Неколку видови леб, бисквити, наполитанки, јогурт, јајца, млеко, тестенини, овошје, зеленчук, сирење, дел од месните производи, од денеска во маркетите треба да се продаваат по цени за околу 10 отсто пониски од оние кои биле на први август.
Овие производи задолжително треба да бидат означени со посебна ознака на која пишува „Гарантирана цена“.
Ваква мерка за замрзнување на цените на основните прехрамбени артикли донесе Владата на вчерашната седница. Цените се замрзнуваат на ниво на цени од 1 август, бидејќи проценка е дека настанало нивно огромно зголемување во трговските мрежи во текот на месец август.
Министерот за економија Бектеши очекува дека производителите и трговците ќе бидат координирани, затоа што оној кој нема да ги почитува мерките ќе биде затворен.
Акциите на приоизводите треба да бидат со пониски цени од сега замрзнатите, а ако на овој начин се продаваат оние чиј рок наскоро истекува ,тогаш тоа треба да биде јасно наведено. Бектеши очекува ваквите мерки до крајот на годинава да влијаат инфлацијата во земјава да падне на проектираните 4 до 5 отсто.
Од СДСМ како главен партиципиент во Владата велат:
– „Со новите мерки и одлуки на Владата се намалуваат цените на над 500 прехранбени производи во 25 категории, кои граѓаните до 30 ноември ќе ги купуваат по намалени, замрзнати цени. Се намалуваат цените на лебот, оризот, месото, млекото, јогуртот, сирењето, кашкавалот, брашното, јајцата, овошјето, зеленчукот…“, велат од СДСМ.
„Основните прехранбени производи ќе се продаваат за 10 проценти пониска цена во однос на цената по која што се продавале на 1 август.
Кај дел од производите кај кои од август до сега е забележано енормно покачување на цените може да има поевтинување и за 30 проценти“, се додава во соопштението на СДСМ.