Акција „Од капаче до инкубатор“ со својот еколошки мотив има и хуманитарно значење и здравствен бенефит за најмалите пациенти од нашата заедница.
Црвениот крст од Гевгелија во соработка со „Прогрес груп компани“ од Гевгелија потпишаа договор за заедничка еколошка акција во која бенефит треба да имаат најмалите пациенти од Гевгелија.
Се работи за акција за собирање и рециклирање на отпадни пластични капачиња, а насобраните средства од обработениот пластичен отпад ќе бидат наменети за купување на инкубатор за најмалите предвреме родени бебиња во Гевгелија.
Значи, донатори и реализатори на акцијата ќе бидете ВИЕ, и сите НИЕ граѓаните, со собирање и депонирање на пластични капачиња во посебно опремен пункт за таа намена.
– „Во центарот на градот на видна локација ќе биде поставен пункт во форма на СРЦЕ за собирање на пластични капачиња, каде граѓаните ќе можат да ги остават собраните капачиња од употребените пластични шишиња од домот, од работното место и слично“ – велат од ЦК Гевгелија.
Инкубаторот за предвремено родени бебиња, што ќе се набави по реализацијата на акцијата ќе биде дониран на ЈЗУ „Општа болница Гевгелија“, со цел подобрување на третманот и грижата за најмалите борци.
На чинот на потпишивање на меморандумот за соработка присуствуваа секретарот на ОО Црвен крст Гевгелија, директорот на ЈЗУ „Општа болница Гевгелија“ и претставник од гевгелиската фирма ДПТУ „Прогрес груп компани“.
Акцијата е поддржана и од Општина Гевгелија.