Некогашниот фудбалер на „Дојранско езеро“, 39 годишниот Борче Ристовски од Нов Дојран, минатата недела е назначен за менаџер на фудбалскиот клуб „AFC Carpathians“, клуб кој е акредитиран во Англиската фудбалска лига.
Успехот за овој нашинец е голем, бидејќи само по изминати два месеци како активен фудбалер на „AFC Carpathians“, во Англиската фудбалска лига, тој успева да ја заслужи челната позиција на истиот клуб како менаџер.
– „Неговото искуство како играч нè натера да ја донесеме оваа одлука. Значи, неговата кариера како тренер почнува од нас. Му посакуваме успех.“ – изјавија од Управата на клубот „AFC Carpathians“.
Го побаравме овој успешен нашинец за изјава, и скромно ни’ потврди:
– „Точно е дека пред недела дена сум назначен за менаџер на клубот во кој настапував „AFC Carpathians“ со кој имаме големи амбиции и сериозен проект за во иднина.
Мојата фудбалска кариера ја започнав на 15 годишна возраст во ФК „Дојранско езеро“ од Нов Дојран, некаде 1999 година и настапував за боите на Дојран следните три години се до полнолетството кога преминав во ФК „Беласица“.
Понатаму продолжува мојата 15 годишна професионална кариера како активен фудбалер настапувајќи за ФК „Беласица“, потоа ФК „Македонија Ѓорче Петров“, ФК „Вардар“ Скопје, ФК „Динамо Минск“ од Белорусија, ФК „Тетекс“ од Тетово, KF Skenderbeu (Албанија)“ изјави за GevgelijaNet новоназналениот менаџер на клубот, Борче Ристовски, нашинецот од Дојран.
Својата фудбалска зрелост Борче ја потврдува и со настапите во Младинската фудбалска репрезентација на Македонија У-21.
Од 17 јули 2023 е член на „AFC Carpathians“. Ова е фудбалски тим од Грасрут. Тимот е од Англија, Обединетото Кралство. Настапуваат во Бакингемшир Норт Бакс и Дистриктната фудбалска лига.
Му посакуваме понатамошни успеси на овој нашинец кој со фудбалот стаса до менаџерска позиција во странски клуб.