На денешниот празничен ден, 11 Октомври, Денов на Народното востание на Македонија, на пладне на Вардарски рид во Гевгелија младите од Здружението „Гевгелија точак клуб“ изведоа еколошка акција за чистење на локалитетот Вардарски рид.
Во акцијата се придружија и дел вработени од Националната установа „Музеј“ Гевгелија која овде го има археолошкиот локалитет Вардарски рид. Поддршката на ЈПКД „Комуналец“ која беше најавена од претседателот на ГТК дека ќе обезбедат кеси и равици за акцијашите, изостана – на местото на акцијата не дојдоа вработени на локалното комунално претпријатие за поддршка на акцијата, ниту беа обезбедени најавените реквизити од „комуналното“.
Тимот составен од над 20-на членови на ГТК на локацијата собра 11 вреќи со отпад.
Со ова акцијата “ГТК Јуниори и пријатели-за почист Вардарски Рид” може да се оцени за успешна. Младите покажаа одговорен однос спрема животната средина, грижејќи се за нејзина чистота и незагаденост.
Фото: НУ „Музеј“- Гевгелија
P.S.
Ќе научиме ли сите ние од примеров да не загадуваме, да ја чуваме природната средина чиста, за да оставиме младите да се среќаваат на забави, дружби, а не на чистење отпад во средини кои треба и самите кога ги посетуваме да не ги загадуваме!?
Да едуцираме и воспитуваме одговорен однос кон природата.