Пред 10 години, на 13 октомври 2013 година Гевгелиското планинарско друштво „Кожуф“ го испиша својот несекојдневен рекорд – го регистрираа најмалиот планинар и првиот балкански врв искачен од него.
Најмалиот планинар од Гевгелија НИКОЛА КОСТАДИНОВСКИ со свои 9 месеци на грбот на татко му Аце го искачи врвот Вихреин (2.914 мнв) највисокиот врв на Пирин Планина, на територијата на Пиринска Македонија, денес се наоѓа во Бугарија.
За својот поход има и фото докази. Беше сместен во топла облека и во специјален ранец за грб, но ги помина со своите обравчиња сите предизвици што ги носеше теренот, искачувања, сонце, ветер и незаборавната глетка од врвот Вихреин.
Секако дека малиот Никола не може да се сеќава на сето тоа. Но, тука сме ние неуморните регистратори да Ве потсетиме на ова несекојдневно достигнување. На денешен ден пред 10 години GevgelijaNet ја објави несекојдневната вест за подвигот на најмалиот гевгелиски планинар.
Денеска Никола е момченце на свои 10 години и 9 месеци и редовно ги следи акциите на ЗПСК „Кожуф“ каде членуваат и активно учествуваат неговите родители, пасионирани долгогодишни планинари Мери и Аце Костадиновски. А, тој вежба и за повисоки предизвици.
Расти среќен и полетен Никола, многу висини во животот да искачиш и достигнеш!