Ултра маратонците кои трчаа од Нова Градишка до родното Крушево во сеќавање и помен на 16 годишната загуба на Тоше Проески на пладне пристигнаа во родното место на македонската прерано почината музичка легенда.
Меѓу 13-те маратонци, деветмина се атлетичари од Македонија кои пожртвувано и со почит истрчаа 900 километри за Тоше симболично „со нозе“ да се врати дома, а не во ковчег со хеликоптер.
Меѓу маратонците се и тројца Гевгеличани: Тодор Анчев, Влатко Семенаков и Марјан Туртуров.
Со црвени рози на Гумење во Крушево беа пречекани 13-те маратонци, кои по 16-ти пат го трчаа маратонот во чест и за љубов на најголемата македонска и балканска ѕвезда Тоше Проески. Тоше загина на 16 октомври во 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска од каде маратонците го почнаа својот маратон, па преку Македонија низ Крушево до неговото вечно почивалиште на Гумење.
– „Ова е за Тоше, нашиот ангел, за најсаканата личност во нашава држава. Ова е 16-та година без нашиот ангел и 16-ти ултрамаратон. Синоќа на Плетвар и дожд и ветер, ама денот во Крушево нѐ огреа сонце, како што тоа го правеше нашиот Тоше. Ова е малку што го правиме за големиот човек со уште поголемо срце за сите нас. Затоа го носиме во срцето“ – изјави маратонецот Наум Капричевски.
– „На Гумење се поклонуваме на вечното почивалиште на Тоше. Годинава имаме неколку нови маратоци и секоја чест на сите. Само за нашиот ангел Тоше, кој е и љубов“ – рече маратонецот Никола Геов.
Во спомен-куќата на Тоше, каде се 360 експонати и која за 12 години ја посетиле над еден милион гости, беше отворена знаковна изложба и за слепите лица да можат да ја доживеат поставката. Спомен куѓата ја посетија и маратонците.
Пред славното Гумење, маратонците ги пречека шпалир од црвени рози.
Идејата веќе шеста година да се пречекуваат маратонците со црвени рози е на учениците од крушевското средно училиште „Наум Наумоски-Борче“. Тие на Гумење ги пеат и песните на Тоше, потсетувајќи дека сите генерации ги знаат.
Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Албумот „The Hardest Thing“ на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран. Тодор Проески е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче” (1992) каде испеал песна на влашки јазик.