После седум години административна подготовка, три години од донесувањето на одлука на Советот на опш.Гевгелија за зонско паркирање, една година од извршен избор на технички оператор за примена на зонското паркирање во Гевгелија, без никој ништо да ги праша граѓаните, без јавна дебата за тоа што гевгеличани добиваат како погодност, градоначалникот Сарамандов го „стокми“ ЦЕНОВНИКОТ за надоместоци за користење на јавни паркиралишта во општина Гевгелија и утре тој ќе се најде пред Советот на Општината.
Ова е последната „коцка“ за да „зонското“ заживее во Гевгелија, а граѓаните да го отворат џебот за таа услуга, без никој ништо да ги праша, без јавна дебата за тоа што добиваат како погодност, без анализа колку тоа ќе ги оптерети граѓаните.
Еве кои се цените според Одлуката која ја предлага гевгелискиот Градоначалник до Советот на општината:
Цената на услугата за паркирање на јавно паркиралиште по зони на подрачјето на Општина Гевгелија по час изнесува:
– 3oнa A —– 30,00 денари на 1 час (ограничено на 120 минути)
– 3oнa Б —— 30,00 денари за 1 час (неограничено)
– 3oнa Ц —— 20,00 денари на 1 час (неограничено)
Постои можност за склучување на месечни и годишни договори за паркинг, како на физички, така и на правни лица.
Месечната паркинг карта за едно возило за станар во зоните за паркирање А, Б и Ц изнесува 400,- денари. Доколку истото лице има второ возило, месечната карта за второто возило ќе изнасува 600 денари. Истите цени се однесуваат за прво и второ возило доколку станар кој сака да користи јавен паркинг, на истиот паркира службено возило.
Годишните паркинг карти за станари по истата логика изнесуваат 4.000 за едно возило, било да е тоа сопственост на станарот, или на фирма, и 6.000 денари годишна карта за второто возило на станарот, или службеното возило кое станарот го паркира на јавен паркинг.
Дневната паркинг карта (за 24 часа) за зона Б и Ц изнесува 250,- денари. Месечната карта за физички лица во овие зони изнесува 2.000 денари, а за правни лица (фирми) изнесува 3.000,- денари.
Цената на месечната паркинг карта на вработени во деловен субјект во зоните на паркирање изнесува 800,- денари.
Годишната паркинг карта на физичките лица во зона Б и Ц изнесува 18.000 денари, а за правните лица 24.000,- денари.
Годишната паркинг карта за инвалиди во сите зони, А, Б и Ц е БЕСПЛАТНА.
Цената на месечниот закуп на паркинг се движат од 6.000 во зона А до 4.000 и 3.000 во зоните Б и Ц следователно.
Годишната паркинг карта за резервирано паркинг место изнесува 60.000 денари за зона А, 40.000 денари за зона Б и 30.000 денари за зона Ц.
Во образложението на Одлуката за зонско паркирање во Гевгелија стои наведено дека оваа постапка Општина Гевгелија ја започнала во 2016 година, а на 20.02.2020 година Советот на општина Гевгелија донел одлука за зонско паркирање, во која биле определени областите на зонско паркирање во Гевгелија.
ЈПКД „Комуналец“ како овластен оператор спроведе тендерска постапка за обезбедување техничи услови за примена на зонското паркирање. Целата постапка е завршена и избрана е компанијата „КОДЕКС КОМПЈУТЕРИ “ – ДОО Увоз-извоз Кавадарци и истата според договорот треба да изработи софтвер и да набави телефонски броеви, преку кои ќе се плаќа користењето на паркинг во градот.
Последната фаза од Одлуката за воведување зонско паркирањ во Гевгелија е изработката на ценовник за паркирање на јавните паркинзи во Гевгелија.
Новиот ценовник ќе се најде на дневен ред на утрешната седница на Советот на општина Гевгелија и доколку добие зелено светло од советниците истиот ќе стапи на сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Гевгелија“.
Спремни ли се граѓаните на општина Гевгелија, градот на туристичката гостопримливост, отворен за секојдневни посетители од соседството, во услови на инфлција која ја диктираат воените случувања во светот, промената на цената на горивата, која имплицира и ценовен шок во домашната економија, да планираат да одвојат од 30 денари паркирање за 1 час, до 60.000 денари годишен закуп на паркинг простор на јавно паркиралиште во градот со кое ќе стопанисува ЈПКД „Комуналец“?
Пред да го достави на усвојување Ценовникот за тоа како ќе се наплаќа паркинг од граѓаните градоначалникот Сарамандов како прелагач на точката на дневен ред не презентираше пред граѓаните каков е овој проект, што претставува зонското паркирање, кои се зоните, какви олеснувања ќе има во сообраќајна смисла, какви погодности носи тој за граѓаните и дали граѓаните немаат нови барања и прашања за користењето на јавните површини кои им припаѓаат на сите.
Годишниот закуп по цена од 60.000 денари за едно паркинг место изнесува колку годишна кирија во еден просечен стан за едно семејство. Семејството добива за тие пари можност да користи соба, кујна, купатило, вода, струја и кров над глава. Како може за 6 м2 колку изнесува едно паркинг место на бетон, обележано со две паралелни линии во боја, изложено на дожжд, сонце и снег да чини исто толку колку годишна кирија за стан за едно семејство?
Зонско паркирање – сообраќајно решение, или берба на пари!?