Четворицата пожарникари од ТППЕ Гевгелија кои учествуваа во спасувачките мисии по катастрофалниот земјотрес во Турција наградени од општина Гевгелија
На вчерашната 32 седница на Советот на општина Гевгелија изгласана е Одлука со која се одобруваат финансиски средства од 120.000 денари за четворицата доброволци пожарникари од ТППЕ Гевгелија како награда за нивното учество во спасувачките мисии во разрушените подрачја на Турција годинава.
1. Дејан Иванов – заменик командир на ТППЕ Гевгелија,
2. Димитар Георгиев – пожарникар, спасител, возач,
3. Горан Митров – Пожарникар, спасител-возач,
4. Кире Калинов – Пожарникар, спасител, извршител
се четворицата наши хуманитарни херои-доброволци кои работно поминаа една недела во најтрагичните денови на Турција после земјотресот.
Поединечно наградата изнесува 30.000 денари за секој член од тимот на ТППЕ Гевгелија и истите ќе бидат исплатени од Буџетот на општина Гевгелија.
Тимот на ТППЕ Гевгелија учествуваше во спасувачките акции во разрушениот град Адиаман, во Турција, во услови на купишта бетон, на минусните температури во февруари годинава, кога секој час беше пресуден за затрупаните под рушевините од некогашните домови на жителите на Адиаман. Тие на терен беа заедно со екипите на Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ кои беа испратени за помош од нашата земја на пријателска Турција.