После учеството во кадетската репрезентација на Македонија во ракомет, браќата Тодор и Димитар Узунчеви од Гевгелија се најдоа на списокот на селекторот Раде Стојановиќ за младинската ракометна репрезентација на Македонија.
Првите ракометни почетоци браќата Узунчеви ги имаа во гевгелискиот РК „Партизан“, продолжија во скопски „Алкалоид“, за да потоа играат во тимот АД РК „Мулти Есенс“ од Скопје. Оттука со својата игра го привлекоа вниманието на селекторот на Македонската младинска ракометна репрезентација и се најдоа на листата на 18-те избрани младинци за репрезентацијата У-19.
Селекторот Раде Стојановиќ најави дека со избраните 18 ракометари ќе патува на пријателските натпревари кои ќе се играат против Турција во Анкара.
На списокот има само еден интернационалец, тоа е голманот Давид Брестовац кој игра за германски „Котбус“, а сите останати доаѓаат од домашното првенство, од Вардар, Еурофарм Пелистер, Пролет, Алкалоид, Мулти Есенс и Бутел Скопје.
Собирот на младинците е закажан на 31 октомври од 13:00 часот во хотелот „Континентал“. Пријателскиот двомеч со Турција ќе биде најава за настапот на „Трофеј Карпати“, а дуелите ќе се играат на 3 и 5 ноември.