Од денеска околу 50 ученика, чии родители се корисници на социјални услуги преку Регионалниот Центар за социјална работа oд Гевгелија, добиваат бесплатен оброк во училиштето што го посетуваат.
– „Воведувањето на бесплатниот оброк во училиштата за учениците од социјално-ранливите категории има за цел финансиско олеснување на семејствата од социјално-ранливите категории и правилна и навремена исхрана на учениците“ – велат од општина Гевгелија која е носител на оваа финансиска поткрепа на семејствата во социјален ризик од општината.
Оваа нова мерка се реализира од Програмата за активностите на Општина Гевгелија во областа на социјалната заштита за 2023 година и во координација со ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа, за што се обезбедени средства од општинскиот буџет.
– „Сите ученици заслужуваат квалитетно образование, за што во изминатиот период се реализирани повеќе мерки и активности за правилен раст и развој на нашите деца. Мојата заложба е креирање нови мерки со кои што ќе се обезбедат подобри услови за секое дете“, истакна градоначалникот Сарамандов по прашањето за воведувањето бесплатен оброк за учениците од семејства со социјален ризик во училиштата каде тие посетуваат настава.
Оваа мерка покрај финансиската поткрепа на социјално-ранливите семејства во општината има влијание и за намалувањето на социјалните разлики помеѓу учениците.