Делегација претставници од Доброволната противпожарна единица „Марибор-Побрежје“ денеска донираше професионална опрема за Доброволното противпожарно друштво „Дојран“ од Дојран.
Донацијата содржи црева за гаснење пожар, моторна пила за расчистување на терен, или создавање гранична зона на опожарената локација, шлемови за пожарникарите комплет пожарникарски одела за тимот на ДППЕ „Дојран“. Донацијата ја прими претседателот на ДППД „Дојран“ Стојан Шулев.
Посетата на пријателите и соработници од ПГД Марибор-Побрежје на општина Дојран и на ДППД Дојран, беше во рамките на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Дојран, 5 Ноември.
Делегацијата останува како гостин на своите колеги и на Општината со намера да се воспостави мост на понатамошна соработка и можно збратимување.
Република Словенија во многу наврати помагала на општина Дојран, па и на ДППД и на општината, конкретно со донација на средства за рехабилитација на колекторскиот систем и изградба на нова прочистителна стаица за Дојран.
ДППД „Дојран“ има значајно место во развојот на општина Дојран, со својот добровоен придонес во заштита на имотот и населението од пожари. Формиран е пред 23 години, во 2000 и во него активно се вложуваат 20 членови на противпожарникарскиот тим.
- „Голема благодарност за несебичната поддршка и помагање од страна на ПГД Марибор-Побрежје кои денеска донираа опрема за нашето Доброволно противпожарно друштво “Дојран” и разменија низа на искуства.
Уште еднаш се докажа големата соработка со Р. Словенија која ни помага во сите сфери од нашето општество“ – истакна на средбата градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов..