Музичка честитка за градот кој слави 79 години слобода упатија учениците од III- г одделение при ООУ “Крсте Мисирков” од Гевгелија.
Песната која ја изведуваат е неофицијална химна на градот присутна на секоја свеченост, празнично одбележување, годишнини, редовно на репертоарот на “Распеани гевгеличани”.
Оваа музичка нумера “Песна за Гевгелија” е авторско дело на музичкиот педагог и музички уметник Александар Попов, некогашен наставник по музичко образование во истото училиште.
Видеото подолу е доказ дека 40 години од создавањето на песната таа “живее” со новите генерации изведувачи, автентично одомаќинета и прифатена.
Малата пејачка група третоодделенци со расвирениот оркестар облечени во градска руба како што се носеле нашите гевгеличани во минатиот век, автентично го доловува настапот на ансамблот „Распеани гевгеличани“ кој прв ја изведе „Песната за Гевгелија“ и сними тонски запис во студиото на Македонската Радио телевизија.
За своите животни достигнувања и придонес во музичкото препознавање на Гевгелија авторот Александар Попов посхумно беше награден со Плакета 7-ми Ноемви во 2020 година. што ја доделува општина Гевгелија. Денес ќе беше среќен што ученици од неговото училиште кои никогаш не го запознале ја научиле неговата песна и со радост ја изведуваат.
Наместо награда едно големо браво за овие млади музичари и пејачи кои ги негуваат традиционалните вредности на Гевгелија низ песна, игра и радости. Целата замисла и костимографија е заслуга на наставничката Ивана Дојранлиева.
А сега, една модна ревија од минатиот век со најмладите манекенки и манекени.
СРЕЌЕН ТИ ПРАЗНИК ГЕВГЕЛИЈА!