Шест поединци од кои 4 пожарникари, еден уметник и планинар-велосипедист заедно со хуманитарни организации се добитници на Благодарници за достигнувања, хуманост и афирмација на општина Гевгелија доделени на Свечена седница на општина Гевгелија, по повод општинскиот празник 7-ми Ноември.
Спасувачкиот хуманитарен тим на ТППЕ Гевгелија кој беше во еднонеделна спасувачка мисија во градот Адиаман во Турција во првите критични денови кога се бараа преживеани под урнатините, на сите четворица Кирил Калинов, Димитар Ѓоргиев, Горан Митков и Дејан Иванов им беше доделена Благодарница за хуманоста и пожртвуваноста која од Гевгелија је пренесоа во Турција. Чинот на врачувањето беше извршен вчера, во рамките на одбележувањето на 7-ми Ноември, општинскиот празник на Свечена седница на општина Гевгелија.
Благодарциците им ги врачи градоначалникот на општина Гевгелија Андон Сарамандов.
Уметникот Борис Петров за долгогодишното творештво и оживување на боите на југот со сета топлина и сончевина беше добитник на Благодарница за уметничка афирмација на Гевгелија. Заблагодарувајќи се на укажаната чест академскиот уметник Петров истакна дека се’ уште има желба за работа, инспирација за творештва и дека сака и понатаму да придонесува за Гевгелија.
Општинската организација на Црвениот крст на Гевгелија стана добитник на Благодарница за своите хуманитарни акции кои се се’ поблиску до народот, како и проектите „Асистент помошник“ и „Секое дете со својата автентичност“ со што хуманоста станува дел од семејните односи, грижата за лица со посебни потреби, поддршката на децата.
Благодарница за хуманитарни акции, донации на возило со рампа за лица со инвалидитет кои го користат здруженијата на лица со попречености во Гевгелија и Дневниот центар на лица со посебни потреби во Гевгелија, донирани музички инструменти за секциите при Домот на културата во Гевгелија и за солидната организација на уличната трка „Run together“ во рамките на 7-мо ноемвриските трки во Гевгелија, доби Фондацијата „Ице Бегов“. Истата ја прими основачот Елена Бегова, на свечена седница на општина Гевгелија.
Меѓу заслужните за спортска афирмација на Гевгелија е и Ѓорге Ризов, член и координатор на „Гевгелија точак клуб“ кој годинава со својот велосипед се искачи на врвот Ухуру (5.895 мнв), врв на највисок планински масив во Африка, Килиманџаро. Овој раритет во спортското планинарство и несекојдневен подвиг му донесе Благодарница на Ѓорге Ризов за спортски досигнувања и спортска афирмација на Гевгелија во рамки на меѓународни спортски подвизи.
Ова се луѓето и институциите на кои Општината им искажа јавна благодарност со доделување Благодарници за ангажманот во своите професии, но и за севкупен придонес за Гевгелија и афирмација на Гевгелија.
Честитки до добитниците со поттик за нови достигнувања, стремежи и инспирација за новите генерации гевгелиски следбеници на својот животен избор и животен стил, во кој помагањето, одењето напред не треба да имаат граници.