Тодор (Тоше) Анчев е млад спортист, поранешен фудбалер, дипломиран на професор по физичко образование, спорт и здравје, веќе пет години наставник во ООУ „Петар Мусев“ Богданци и посветен на трките и трчањето.
Иако веќе четири години активно придонесува во спортот како еден од основачите на Атлетскиот клуб „7 Ноември“ од Гевгелија, како организатор на најмасовниот спортски настан во државта „November run Gevgelija“ нема да прочитате никакв вест за него освен победи, настапи, освоен пиедестал, соборен рекорд..
– „Јас бев 18 години активен како фудбалер, а по запишувањето на факултет го запоставив фудбалот и почнав да тренирам трчање. Тоа го направив на првата студиска година во Скопје, кога гледав за прв пат трка по покана на мој колега од факултет. Веднаш после тоа се пријавив за учество на првиот следен маратон во Скопје на трјката од 21 километар. Тоа ме исполни спортски и продолжив со трчањето“ – вели за GevgelijaNet атлетичарот Тоше Анчев.
Тоше не го открил трчањето на долги стази на улиците во Скопје. Бил редовен учесник на Првомајските трки што се организираат традиционално во неговото населено место, Стојаково. Од тогаш, од млади години го засакал трчањето, а почнал посериозно да тренира атлетика за време на студирањето во Скопје, поради оддалеченоста од својот матичен фудбалски клуб и фудбалската игра.
Во 2019 година Тодор Анчев заедно со уште пет другари е иницијатор и основч на Атлетскиот клуб „7 Ноември“ од Гевгелија. Првата година од формирањето организираат доброволни трки низ Гевгелија, па охрабрени од одзивот на гевгеличани, за следната година организациски ги подготвија уличните трки познати под името „November run Gevgelija“.
Освен трките во Гевгелија Тоше редовно учествува на трки, маратони, полумаратони од меѓународен карактер организирани во земји од соседството и Европа. Трчаше во Србија, Грција, Бугарија, Црна Гора, Албанија, Косово, Хрватска, Словенија, Шпанија (Barselona). Има трчано во Виена, (Австрија) и пет години по ред е учесник на Ултрамаратонот „Тоше Проески“ од Нова Градишка до Крушево.
Многу пати се враќа со медали од меѓународните протрчани стази. Последната од нив е „Штафетната полумаратонска трка“ во Врање каде со тимот на АК „7 Ноември“ го освоија ТРЕТОТО место.
– „Истрчавме полумаратонска траса од 21,1 километар по систем 4 х 5000 за време од 1 час и 23 минути и го освоивме третото место. Бевме за 20 или 30 секунди побавни од вторите, што значи резултат кој е достижен за да биде соборен во иднина од тимот на Македонија. Сепак, задоволни сме, зошто учествуваа 334 маратонци од повеќе земји, што на трката и’ придава меѓународен ранг“ – изјави Анчев.
Ова не е прва штафетна трка за Анчев. Тој вели дека заедно со некои членови од АК „7 Ноември“ порано има освоено два пати ПРВО место на трките „WizzAir’ во Скопје и два пати ТРЕТО место.
Како се тренира за да се достигне ваков победнички резултат е нашето прашање до овој неуморен спортист резервиран за победи.
– „Јас не трчам секој ден, туку 2-3 пати неделно, така што и времетраењето на секој тренинг ми е различен“ – вели Тоше.
Има тука уште некоја тајна, ама изгледа тоа го дознаваат само неговите ученици, како Максим Ангов, 10 годишниот V-то одделенец од ООУ „Петар Мусев“ од Богданци, чиј тренер е токму Тодор Анчев и успешно гази по тркачките патеки до победа..
Максим на 4-от Врањански полумаратон одржан вчера во Врање, Србија истрча трка во конкуренција на неговата возраст и го освои ПРВОТО МЕСТО, златниот медал, Диплома и ПОБЕДНИЧКИОТ ПЕХАР.
Максим извесно време тренира со својот наставник и тренер, атлетичарот Анчев и до сега од осум трки во меѓународен ранг има освоено шест ПРВИ места и две ВТОРИ места, иако секогаш се натпреварува и со 1 до 2 години постари тркачи од него.
Максим Ангов беше победник на детската трка „November run Gevgelija“ категорија 2, (родени 2013) со време од 3:39 минути истрчана траса од 1 километар. Максим на Солунскиот маратон истрча трка од 5 километри иако тоа не е негова категорија. По таквата самоувереност на тркачките стази вчера во Врање, Р.Србија истрча за ПРВО место.
Што да кажеме за овие посветени тркачи, со разлика во годините од две децении – тренираат, трчаат и освојуваат победнички подиуми, освен да испорачаме ЧЕСТИТКИ и да продолжат со ПОБЕДИТЕ !!!
Учителот тркач и победник, несебично создава нов тркач и нов победник!
Напред до нови победи!