Викендов во ПС Гевгелија стасале пријави за лице каснато од куче, за лице со повреда од огнено оружје, за притвор на лица претходница на криумчари на мигранти.
На 11.11.2023 во 17:30 часот во Полициска станица Гевгелија Р.К.(41) од Гевгелија пријавил дека на ул.„Илија Миов“ во Гевгелија бил каснат од куче сопственост на С.П и Р.П..
Ова е прва пријава за лице каснато од куче во Гевгелија.
На 12.11.2023 во 15:50 часот во Полициската станица Гевгелија, од Јавна здравствена установа Гевгелија било пријавено дека кај нив со повреда од огнено оружје бил донесен И.С.(56) од Гевгелија. Според пријавеното, тој се здобил со повредата истиот ден околу 13:00 часот додека бил на лов во атар на с.Кованец, гевгелиско. За настанот бил известен јавен обвинител и се преземаат мерки за негово расчистување.
Неделниот ден за двајца кумановци започнал со мигрантска претходница, а завршил со нивен притвор.
На 12.11.2023 околу 05:30 часот на автопатот А1, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Богородица“ ги лишиле од слобода Р.М.(47) и П.Ј.(51), двајцата од Куманово. Тие се сомничат дека со возило „Опел Астра“ со кумановски регистарски ознаки биле претходница на патничко возило „Рено Меган“ со кумановски регистарски ознаки, во кое околу 01:30 часот биле пронајдени мигранти. Имено, околу 01:30 часот од страна на полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица на автопатот А1 бил даден знак за запирање на возилото „Рено Меган“, но возилото продолжило со движење, скршило рампа на наплатата станица Смоквица, по што излетало од патот, а возачот го напуштил местото. Притоа, во возилото биле пронајдени шест лица мигранти од Сирија. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.