Во спомен, сеќавање на прерано починатиот истакнат планинар и член на ПД „Кожуф“ Гевгелија, Томе Шутов – Кротки, во организација на ЗПСК „Кожуф“ Гевгелија викендов се изведе традиционалниот планинарски марш со маршрута од домот во с.Конско до врв „Двете уши“ на нашата Кожуф планина (1.766 м.н.в.).
Настанот е традиционален и јубилеен, учесниците во најголем број негови познаници од висините, членови на ЗПСК „Кожуф“, членови на ПСК „Двете уши“, потоа на гостинскиот тим од ПСК „Трансверзалец“ и претставници на Планинарската федерација на Македонија. Нов беше само пресно наврнатиот снег на Кожуф, и тоа од потегот над 1.000 метри надморска висина се до врвот Двете уши каде се упатија планинарите.
Планинарската акција започна од Планинарскиот дом “Томе Шутов – Кротки” – преку Манчева Пресека – Сиглица – Врв Двете уши (1766 м.н.в) по доста студено и ветровито време. Силниот ветар и студот не ги спречија планинарите од сите краишта на Македонија, како и гостите од Бугарија, да се искачат на врвот и да уживаат во првиот снег оваа година и прекрасните видици што ни ги пружа врвот Двете уши.
Успешниот планинарски ден заврши повторно во кругот на планинарскиот дом на патронот Томе Шутов Кротки каде беше сервирано планинарско гравче за сите учесници на планинарскиот меморијал.
Патронот Томе Шутов – Кротки е од с.Стојаково кој како планинар и член на Кожуф има реализирано многу планинарски акции во нашата држава и низ Балканот. Постарите планинари го паметат како еден позитивен лик, секогаш насмеан и спремен за акција.
Организаторот додели благодарници на сите планинарски друштва кои учествуваа на меморијалот, како и на најмладите и највозрасните учесници на 10-от јубилеен меморијален марш „Томе Шутов Кротки 2023“.
Ќе ги откриеме највозрасните: Танка Гавриловска и Лазар Кочев, по пол и род еднакви, а родени со еден ден разлика меѓу нив, добија Благодарци за највозрасни учесници на маршот.
Честитки за јубилејот, за учесниците, за издржливоста на најмладите учесници и за упорноста на највозрасните учесници на маршот.