Дојран викендов станува меѓународен карате центар со организирањето на првиот меѓународен карате турнир „Dojran Open“ 2023 на кој учество ќе земат девет држави од регионот.
Македонија, Србија, Грција, Бугарија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Романија и Косово се земји учесннички со свои карате тимови на „Dojran Open 2023“.
Организатор на несекојдневниот спортски настан на југот од државата е Карате клубот „Дојран“ од Дојран.
Иницијатор на првиот меѓународен карате турнир е посветениот тренер на КК „Дојран“ Лилјана Упчева, државен првак на Македонија, непоразена во борба, член на Карате репрезентацијата на Македонија.
Упчева има долгогодишен карате стаж, но како прв создавач и тренер на КК „Дојран“ работи со млади каратисти од Дојран само 20 месеци од регистрирањето на клубот, во март минатата година, Од тогаш клубот го води во низа победи на домашни и меѓународни турнири.
– „На „Dojran Open“ ќе бидат застапени учесници од сите возрасни категории, а дисциплините се: Кати и борби. Крате клубот „Дојран“ е член на Карате федерацијата на Македонија и од нив имаме поддршка во организирањето на турнирот во Дојран“ – изјавува за GevgelijaNet.com Лилјана Упчева.
Помагател на најновиот меѓународен спортски настан во Дојран е општина Дојран, а како донатори се јавуваат бројни локални фирми кои го поддржуваат спортскиот живот на Дојран и меѓународната спортска соработка на Дојран која секогаш носи и пријателства и други нивоа на контакти, размена, соработка и застапувања.
Спортски поздрав за иницијативата и спортското меѓународно гостопримство на Дојран со вредните и посветени на спортот организатори од КК „Дојран“.
Сабота, 25 ноември, Спортски центар „Истатов“ – бидете таму да навивате за најдобрите!