Во деновите кога секој од денешните родители се грижи за детето да го земе од училиште, да го однесе на тренинг, или некоја секција, да го следи неговиот развој во образованието, па и во животот, шокираат сведоштвата на деца анкетирани во 1981 година во основно училиште во Белград кои велат:
– „Јас добивам ќотек по еднаш, двапати на ден. Мене ме тепаат со каиш и ме боли. Јас добивам ќотек со дрвена лажица. Мене ме тепа мама каде што ќе стигне“ – овие се сведоштва на децата ученици од времето на кои многумина од сегашните генерации родители се животни сведоци
Тема во емисијата е ќотекот како дисциплинска мерка, а учениците на возраст од околу десеттина години, појаснуваат дали родителите ја применуваат оваа мерка, но и како тие гледаат на неа.
– „Ќотекот е неопходен, кога децата не можат нешто да сфатат, малку ќе им се размрда мозокот и се ќе сфатат“– вели анкетирано дете .
– „Мене ме натепаа кога скршив прозорец и го заслужив ќотекот“ – така мисли друго дете, воспитано дека казната ќотек е неминовна за сторената грешка.
Повеќето од нив раскажуваат дека некогаш ги тепаат со каиш, со рака, или со прачка.
– „Мајка ми често ме тепа со кутлачот со кој прави ручек, па кога ќе се скрши мора да купи нов“ – раскажува едно од девојчињата.
Децата одговараат низ смеа, согласни дека ќотекот што го добиле бил соодветен одговор на нивната направена грешка.
Видеото деновиве беше објавено во повеќе српски електронски медиуми, и предизвика низа на дискусии дали оваа дисциплинска мерка, која во времето на поранешна Југославија беше сосема прифатлива, дала добри резултати во воспитувањето на децата.
Многумина сметаат дека денес имаме разгалени генерации на кои ниту наставник, ниту пак родител може да им повиши глас, па поради тоа живееме во општество каде се нема почит кон постарите генерации, ниту пак младите го сфаќаат зборот авторитет.
Некои од реакциите се дека удирањето деца е неприфатлива мерка, бидејќи почит и воспитување треба да се стекне со самиот поглед и збор.
-Да ги најдеме овие деца од емисијата, кои раскажуваат како биле тепани, па да видиме дали денес израснале во добри луѓе, или пак се уште влечат фрустрации од тоа време, кога родителите со каиш и прачка ги ставале во ред – е еден од интересните коментари по повод дискусијата.
Инаку, според Конвенцијата за правата на детето, која стапи на сила во 1990 година, државата ги презема сите законски, административни, социјални и образовни мерки за заштита на детето од сите форми на физичко или ментално насилство, повреда, злоупотреба, занемарување, малтретирање или експлоатација.