Зладувањето, снежните врнежи што настапија во текот на денот беа најавени, но четворица патници со жичара на Водно не предвиделе дека поради лошите временски услови можат да останат заглавени, ако снема струја. Токму тоа се случило попладнето поради што интервенирале полициски службеници од Единицата за интервентна полиција, одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје и Единицата за брзо распоредување.
Тие денеска (25.11.2023) спасија четири лица, меѓу кои едно дете и еден германски државјанин, кои беа заглавени на жичарата на Водно, поради лошите временски услови и снемувањето на електрична енергија на жичарата.
Првично е пријавено дека лицата биле заглавени во гондола на жичарата, но потоа дошла електрична енергија и лицата стигнале до врвот на Водно, но не постоела можност да се спуштат надолу поради невремето и немањето електрична енергија.
Веднаш по добиената пријава околу 16 часот, полициски службеници од ЕИП и ЕБР преземаа активности за пронаоѓање и спасување на лицата, по што тие безбедно, во придружба на полициските службеници се спуштаат кон Скопје.
Видео: МВР (видеото е без звук)