Констатацијата од насловот за брзинското возење на гевгеличани го потврдува последната сообраќајна контрола спроведена во неделата на подрачјето на општина Гевгелија, од сообраќајната полиција на МВР, но и во уште 10 градови во државата.
Констатирани се 13 пречекорувања на дозволената брзина на движење на подрачјето на општина Гевгелија и исто толку возачи се санкционирани бидејќи управувале возила со брзина поголема од дозволената.
Акцијата е спроведена во неделата, на 26.11.2023 во периодот од 10:00 до 16:00 часот на подрачје на Секторот за внатрешни работи Струмица. Покрај Гевгелија биле опфатени и општините Струмица, Радовиш и Валандово. Притоа, биле констатирани 65 прекршување на брзината, од кои по 18 на подрачјата на Струмица и Радовиш, 16 на подрачје на Валандово и 13 на подрачје на Гевгелија.
Од нив, 40 пречекорувања на брзината биле констатирани надвор од населено место, а 25 во населено место. Сите констатирани прекршоци биле соодветно санкционирани.
Во истиот неделен ден, во истиот период од 10 до16 часот реализирана е сообраќајна контрола за санкционирање на возачи кои управуваат со моторно возило со брзина поголема од дозволената на патиштата и во Штип, Скопје, Тетово, Охрид, Струга, Кичево и Дебар.
Констатирани се 65 прекршувања на подрачјето на општина Штип, санкционирани се 46 возачи во општина Студеничани, Скопско, во Тетово биле изречени 136 мерки за прекршување на сообраќакните правила и прописи..
Полициските службеници затекнале и санкционирале возачи кои управувале возила со брзина поголема од дозволената, и тоа во Охрид-20, Струга-12, Кичево-14 и во Дебар-16.
За споредба, 13 санкционирани возачи во Гевгелија се блиску до сообраќајната дисциплина во Струга и Кичево, општини кои се далеку побројни од Гевгелија, (Струга 63.376 жители, Кичево околу 67.053 жители, Гевгелија 22.988 жители вкупно според последниот Попис и податоците од ДЗС)), така што според просекот по недисциплина и брзинско возење по патиштата ГЕВГЕЛИЧАНИ СЕ меѓу РЕКОРДЕРИТЕ, но според бројот на жители и констатирани прекршоци Гевгеличани се двојно подисциплинирани од Валандовчани (11.890 жители).