Уште не почнала примената на зонското паркирање во Гевгелија, а Општина Гевгелија воведува измени во Ценовникот за користење јавен паркинг простор и воведување бесплатни паркинг карти за станари.
Одлукта за измените треба да ја донесат членовите на Советот на општина Гевгелија во иста постапка како што го донеле и Ценовникот кој стапи на сила од октомври 2023 година. Овој предлог е дел од дневниот ред на денешната 35-та седница на Советот на општина Гевгелија.
Советниците треба да се изјаснат за предлогот:
– Цената од 400 денари за месечно користење паркинг од страна на сопственик на возило кое го паркира пред колективна станбена зграда каде сопственикот живее да се преиначи во „Бесплатно“.
– Цената од 4.000 денари годишен надоместок за користење паркинг од страна на сопственик на возило кое го паркира пред колективна станбена зграда каде сопственикот живее да се преиначи во „Бесплатно“, и
– Годишна Бесплатна паркинг карта за сопственици на возило со погон само на електрична енергија.
Оваа погодност за станарите на колективни згради и иматели на возило на електричен погон ако се донесе, треба да важи за сите зони на паркирање, А, Б и Ц.
Одлуката која се сервира на одлучување пред советниците нема „образложение“, што е вообичаена пракса за предлагачот на истата да го образложи мотивот за нејзиниот предлог. Така се доставуваат материјали од општинските служби до Советот.
Предлагач на измените на ценовникот за зонско паркирање во Гевгелија е Градоначалникот на општина Гевгелија, но образложение за мотивот да ја промени одлуката донесена пред еденипол месец нема.
Како граѓани на Гевгелија кои треба да ги отворат џебовите за услугата зонско и донесениот ценовник без јавна расправа, без јавна дебата за тоа што добиваат како погодност, без анализа колку тоа ќе ги оптерети граѓаните, гевгеличани се „истурија“ на социјалните мрежи со негодување и критика дека е нелогично да плаќаат паркинг пред својата зграда, како општината да ги рекетира што живеат во зграда и немаат двор за паркирање на свото возило.
Па така, може да се претпосави дека атерирањето од тешките цени за зонско за граѓаните било иницирано од граѓанските критики и жалби.
Бесплатното зонско за станарите и имателите на електрично возило се очекува да биде донесена денеска на 35-та седница на Советот која е во тек.
GevgelijaNET информираше за воведување на зонското паркирање и носењето на ценовник за користење на јавен паркинг простор, уште во септември 2023.