Вкупно 516 различни делови за камиони и едно АТВ возило се запленети од страна на царинските службеници на Граничниот премин „Богородица“ и на царинска испостава Струмица.
Обидот за нелегален внес на делови за камиони е откриен од страна на царинските службеници на влез на граничниот премин „Богородица“. Возачот на камионот, против кој е поднесена прекршочна постапка, се обидел да ги прошверцува деловите за камиони, криејќи ги во различни делови на возилото.
За време на контролата, во внатрешноста на задните седишта, под и помеѓу седиштата, и во багажникот кај резервната гума се пронајдени вкупно 516 различни делови за камиони.
Меѓу непријавените делови се комплети плочки за кочење, лед фарови, задни штопови, кочиони цилиндри, стакла за фар, сетови кумплуг, разни светлосни обележувачи за приколки, како и други делови.
Во друг случај на царинска испостава Струмица е запленето едно АТВ возило, кое е откриено од страна на царинските службеници при контрола на стока пријавена за увозно царинење.
Возилото кое не е опфатено со увозната декларација е задржано, а против увозникот е поведена прекршочна постапка
Фото: Царинска управа РСМ