Нова ултра трка „Punk’s Backyard Ultra“ се одржа вчера на траса кај Негорските Бањи. Се собраа ултра маратонци од Македонија, и уште пет европски земји, а имаше натпреварувачи и од Гевгелија, шестчлен тим на Атлетскиот клуб „7ми Ноември“.
Победник на трката е ЖИКИЦА ИВАНОВСКИ со истрчани 18 круга, или вкупно 120,69 километри. Тој е последниот од натпреварувачите кој успеа да помине низ целта 18 пати и да покаже максимална издржливост. БРАВО!.
Од женските учеснички најиздржлива на трката, со само еден круг помалку од победникот Живко И., е Радмила Јованова која истрча 17 круга и цели 113,985 километрки должинска ултра траса.
Од гевгелиските атлетичари најдобар на трасата беше Влатко Семенаков кој истрча 16 круга, или 107,2 километри. Браво Влатко!
Методија Ичев од Богданци, член на АК „7 Ноември“ истрча 12 круга.
Инаку, светскиот рекорд на ултра трките е е 102 круга, односно 684 километри.
Нашата Валентина Узунова истрча 10 круга од трасата долга 6,7 километри, односно купно 67 километри беа истрчани од неа. Ова беше нов предизвик за атлетичарката на АК „7ми Ноември“, богданчанката Вале, член на ЗПСК „Кожуф“ од Гевгелија под чие клубско знаме учествува на ултра напорните ридско-планински трки организирани низ Македонија.
Валентина Узунова истрча 10 круга,вкупно 67 километри и покажа дека може да биде издржлива и во своите „50+“ години.
Во првото интервју за GevgelijaNet Валентина ни кажа дека животна желба и’ е да истрча 100 километарска трка. Еве, вчера почна да се приближува до 100-ката.
Својот успех таа го посвети, како и секогаш, за поддршка на пациентите со Пулмонална хипертензија (PH).
Од тимот на АК „7-ми Ноември“ ултра крос трасата ја истрчаа и гевгелиските атлетичари: Марјан Туртуров (9 круга = 60,3км), Дарко Прошев (8 круга = 53,6 км) и Станслав Стоименов (8 круга = 53,6 км)
- „Punk’s Backyard Ultra“ не е обичен настан за трчање. Тоа не е само трка, тоа е врвна мерка за човечката издржливост. Каде е ВАШАТА граница? Дали се тоа 5, или 15 јамки? Дали е тоа 24 или 100 јамки? Единствената сигурна работа за Punk’s Backyard Ultra е дека часовникот не запира додека не стаса на целта и последниот натпреварувач, – ова беше најавниот предизвик објавен од организаторите за пријави за учество на трката.
Трката се одвиваше низ патеката за велопарк во Негорските Бањи кај Гевгелија, низ борова шума, урбан парк,, поглед кон околните лозја со неверојатната глетка на снежна визура на планината Кожуф.
– „Организацијата беспрекорна“ се пофали Валентина од новиот тренд на тркачки настани низ Гевгелија.
Членовите на АК „7-ми Ноември“ задоволни што Гевгелија повторно испишува спортска историја – по најмасовната трка за Општинскиот празник „November Run“, по организирањето на првата инклузивна трка во државата во нашата Гевгелија, во саботата се постигна уште еден организационен успех, со тоа што Гевгелија беше домаќин, а АК „7 Ноември“ беше коорганизатор на првата трка „Punk’s Backyard Ultra“ одржана во Македонија
Како изгледаше на тркачката траса, кратко видео од трката:
Овој несекојдневен спортски настан во Гевгелија беше во организација на Асоцијација за промоција и управување со проекти и настани во планиско трчање и други планински спортови „ТРЕКС“ од Скопје, а во соработка со Општина Гевгелија, Атлетскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија, АМД „Дичо Панов“- Гевгелија и други помагатели.
Иако нова, и за прв пат организирана кај нас во Македонија, трката „Punk’s Backyard Ultra“ привлече учество на над 60 тркачи од Македонија, Грција, Косово, Србија, Словачка и Полска.