Канцеларијата на главниот јавен обвинител на Баликесир, Турција, му определи екстрадициски притвор на Љупчо Палевски -Палчо, во траење од 40 дена, соопшти македонското Министерство за правда.
Палевски е осомничен за убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски.
Според досегашната истрага, по убиствата Палевски избегал од земјата, прво отишол во Србија, па во Бугарија, а потоа во Турција. Таму минатиот вторник беше уапсен во градот Баликесир.
Министерството за правда добило допис од македонската амбасада во Анкара дека до амбасадата е доставена Нота од Министерството за надворешни работи на Турција за определениот екстрадициски притвор за Љупчо Палевски.
Министерството за правда во четвртокот (7 декември) го испрати барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски.
Барањето за екстрадиција доаѓа по апсењето на Палевски на 5 декември во Турција, откако ден претходно беше распишана меѓународна потерница по него како осомничен за две кривични дела – „грабнување“ и две убиства на свиреп начин.