Во првиот настап на Младинската ракометна репрезентација на Македонија на „Трофеј Карпати“ Македонија оствари победа од 39-27, над репрезентацијата на Саудиска Арабија, а во победата учествуваше и гевгелискиот репрезентативец Тодор Узунчев со пет постигнати гола.
Ова е победнички старт на младата репрезентација на Македонија за ракометари до 20 години на меѓународниот турнир „Трофеј Карпати“. Во првата рунда од силниот меѓународен турнир во Романија, пред младите ракометни сили на Македонија „падна“ Саудиска Арабија со 12 погодоци разлика.
Освен на почетокот кога противникот водеше 2-0, останато време мина во доминација на избраниците на селекторот Стојановиќ. Првото полувреме нашите младинци го завршија со шест голови предност 19:13.
И во вториот дел македонските младинци играа во одличен ритам, па на крајот славеа со 12 голови разлика.
Освен Тодор Узунчев кој пет пати ја затресе мрежата на С.Арабија, во нашата репрезентација уште тројца ракометари постигнаа по 5 голови: Никола и Самоил Ристески и Ненад Белистојаноски.
Денеска во рамките од 2.коло Македонија за противник ќе ја има селекцијата на Словачка. Во последното коло (в недела) црвено-жолтите ќе играат против домаќинот Романија.
Овие и сите натпревари што ќе се играат во рамките од ЕХФ неделите, ќе послужат како подготовки за Европското првенство во Словенија што ќе се одржи наредното лето, 2024 година.