Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски денеска врачи Ордени на заслуги и Медали за заслуги на шест актери поединци и на една институција.
– „Денеска продолжуваме да ги вреднуваме придонесот и наследството што на својот народ им го оставија истакнати поединци и институции. Тоа е наша обврска и одговорност бидејќи со нивните дела го задолжија општеството на кое му припаѓаат. Ми беше чест да доделам повелба на една од нашите врвни културно-уметнички установи, како и три медали и три ордени за заслуги на наши истакнати, актери, режисери и медиумски личности:
🏅Албански театар – Скопје – Повелба на Република Северна Македонија
🎖️Коле Ангеловски – Орден за заслуги за Република Северна Македонија
🎖️ Гоце Тодоровски – Орден за заслуги за Република Северна Македонија
🎖️Барјуш Мјаку – Орден за заслуги за Република Северна Македонија
🎖️ Лупчо Каров – Медал за заслуги за Република Северна Македонија
🎖️ Бранко Огњановски – Медал за заслуги за Република Северна Македонија
🎖️ Васко Тодоров – Медал за заслуги за Република Северна Македонија“,
истакна на свечената церемонија претседателот Пендаровски..
Каров се одликува за авторскиот придонес и за учеството во шоуто „К-15“ и воопшто за сиот ангажман во радиото и телевизијата, за придонесот кон македонската музика, но и за неговиот граѓански активизам и за вклучувањето во зачувувањето на животната средина.
Огњановски и Тодоров се одликуваат за неповторливото хумористично шоу „К-15“, преку коешто пренесуваат уникатна социјална, политичка и економска сатира за состојбите во македонското општество и кои, како едни од најкарактеристичните телевизиски ликови оставаат белег и поттик за развој на овој вид творештво во иднина.
Актерот Бранко Огњановски од легендарното хумористично телевизиско шоу „К-15“ му се заблагодари на претседателот Стево Пендаровски за Медалот за заслуги што го добија сите тројца членови на шоуто.
Огњановски во објава на социјалните мрежи истакна дека ова признание не би било можно без подршка, инспирација и работа на многу луѓе со кои го делеле ова долгогодишно патување.
– „Особено им благодарам на Васко и на Бубо без кои овој успех немаше да се случи. Хуморот има моќ да ги спојува луѓето, да ја лечи душата и да ги осветли и најтемните моменти. Со К-15 се трудевме да донесеме насмевка на лицата на гледачите и покрај предизвиците и тешкотиите (читај сите срања) кои секојдневно ги живееме. И затоа, овој медал не е признание само за нас како поеднци, туку за целата наша публика, за сите кои се смееа заедно со нас, кои го препознаа нашиот хумор и кои ни помогнаа заедно да дојдеме до ова дереџе, објави популарниот „Миле Паника“.
Претседателот му врачи Орден за заслуги на актерската легенда Гоце Тодоровски.
– „Бард на македонското глумиште и еден од нашите најпочитувани и најпознати актери со извонредна кариера и богата биографија. Препознатлив по ведрината и енергичноста на сцената, но и по неговиот високо професионален однос кон работата“, стои во објавата на Пендаровски на фејзбук.