Малиот џин од Македонија, скопјанецот Аријан Алити е V-то одделенец, има само девет години, носи патика број 41 и е 25 сантиметри повисок од својата генерација другарчиња. Малата возраст не му прави проблем кога се наоѓа на фудбалско игралиште во дружба со „буба марата“. Е, овде тој покажува вонсериски талент – умее да даде гол од една страна на игралиштето, со шут од 50 метри да ја испрати бубамарата во голот на противничкито тим, сосема на другата страна од фудбалскиот терен. И со голман, и со играчи, без додавања, без дриблања, шутираната фудбалска топка „лета“ од шпицот на Аријан во голот на противничката екипа.
Ова е описот на неговиот талент, а вистинската акција на Аријан изгледа вака:
Неговиот тренер Kенан Aсани на ФК „Фортуна“ каде игра Аријан, вели: – „До сега не се случило ниедно дете да има токав шут“.
Оваа вистинита констатација ја потврди и комисијата на „Гинисовите рекорди“ и го впиша деветгодишното чудо од дете, Аријан Алити за Гинисов рекор од Македонија – најмалиот шутер на голови од 50 метри директно во притивничката мрежа.
Ова не е случајна среќа на Аријан пред Гинисовото жири. Ваквите свои 50-метарски долги голови тој ги има повторено над 40 пати до сега. А, тоа „до сега“, значи во изминатите три години, зошто само пред три години Аријан стапна на фудбалскиот терен и започна активно да тренира.
Денеска е активен член на ФК „Фортуна“ од Ченто-Скопје. Неговиот тим во изминатите три години, додека тој е голман, по ред ги добива сите натпревари со победа, освен еден доживеан пораз. Ваквиот резултат ја однесе екипата на ФК „Фортуна“ до титулата Првак на ФФМ за 2023, и Шампион на ФФМ со У9.
Аријан тренира фудбал во Академијата за фудбал „Ивановиќ“ каде ја усовршува голманската техника, но шутот го однесе на страниците од Гинисовата книга на рекорди. Снајперскиот шут за Гинис Аријан го повтори ПЕТ пати во еден ист натпревар. Тоа е пример на неприкосновен шутер во СВЕТОТ, поради што стана ГИНИСОВ РЕКОРДЕР на долги шутеви, единствен во Светот, детето Аријан од Македонија.
Фудбалските стручњаци велат дека нема да биде изненадување ако еден ден стане член на Фудбалската репрезентација на Македонија.
Од каде љубовта кон фудбалот и голманството кај малиот Аријан? Дали семејството има активен спортист кој имал удел во спортскиот интерес на Аријан за фудбал? Ова беа прашањата кои ги поставивме на таткото на Аријан, Аднан Алити.
– „Јас сум воено лице. Не сум фудбалер. Пред три години Аријан плачеше дома за да го однесеме на фудбал. Сакаше да игра фудбал. И оттогаш не зарази сите дома. И мене, и домашните, и моите пријатели и колегите од работа. Едвај чекаме натпревар за да отидеме сите да навиваме и да уживаме во победите на тимот во кој настапува Аријан“ – изјави за GevgelijaNet Аднан Алити, таткото на гинисовиот рекордер од Македонија.
Деветгодишниот Аријан е првак во македонскиот младински фудбал, а со својот талент и донесе 5-то место на Македонија на светско ниво, на меѓународен турнир со екипата на У9.
– „Летово екипата на Македонија играше со Данска каде што учествуваа тимови од цел свет. Аријан бранеше за тим составен од играчи за две генерации поголеми од него и освоија 5-то место во светот. Англиски судија сакаше да се фотографира со него. Каде и да оди Аријан секаде оставал белег на стадионот“ – вели неговиот татко Аднан.
Аријан не само што е најдобриот голман за сезоната 2022/23 година, избран од ФФМ во својата генерација, туку е и чудо од дете какво што се раѓа еднаш во многу генерации.
Иако чувар на мрежата на Фортуна, тој истовремено е и еден од најдобрите стрелци на својата екипа. Во последните две сезони, колку што Аријан официјално игра во системот на ФФМ, постигнал преку 50 погодоци. Досега има дадено девет гола во плејофот на македонската детска лига, а рекорд на еден натпревар му е ни помалку, ни повеќе туку пет погодоци! Тоа се гинисовите регистрирани рекорди од 50 метри долгиот шут на Аријан до голот од спротивната страна на стадионот.
Според мерењата на неговите тренери, неговиот дегажман достигнувал 60 метри должина, што е запрепастувачи многу, ако се знае дека официјалниот Гинисов рекорд, поставен од голманот на Манчестер сити, во мај 2018 година, изнесува 75,35 метри.
Аријан веќе имал освојувано медали и индивидуални признанија за најдобар голман и на меѓународни турнири, така што веќе претставува атракција со своите особини, несекојдневни за голман и сигурно е голема надеж на македонскиот фудбал.
– „Нема турнир каде не го прогласуваат за најдобар“ – вели неговиот тренер.
На „Dana Cup“ во Данска екипата на Македонија У9 ја победи Полска со 3:0. Секако, уделот во победата е и голманската железна порта кога Аријан е на гол линијата на Македонија.
Неговите прецизни погодоци не се спортска среќа туку умешност која го однесе на страниците на „Гинисовата книга на рекорди“. Дека се работи за талент кој трае доказ е и овој „Гол за гинис“ постигнат лани во Србија со екипата на Македонија У8.
Малиот џин од Македонија, чудото од дете, фудбалскиот торпедист, Гинисовиот рекордер Аријан Алити има само девет години, благо лице, разиграни кадрици во косата, прецизен и доооолг шут и една желба – Да биде фудбалер.
Ако не се откаже тој од спортот Македонија секако нема да се откаже од фудбалскиот снајперист кој знае да ги наполни со голови мрежите на противничките екипи, зошто така доаѓаат победите со упорност и резултати.
Среќно Аријане, Македонија ги чека твоите нови заслужени трофеи, медали, пехари, рекорди, за твоја радост, за твој спортски престиж и за гордост на Македонија!
НОВИОТ РЕКОРДЕР НА МАКЕДОНИЈА се вика АРИЈАН!