Пожарот е пријавен околу 08 часот денеска изутрина, а екипа на ТППЕ Гевгелија со три противпожарни возила и осум пожарникари веднаш се упати на терен во гаснење на опожарениот простор. Гореа подрумските простории во зградата на Супермаркет “М-3” во Богданци, каде освен дрвја за греење имало и пластични материјали, буриња, кои при горењето создале густ и неподнослив чад.
Пожарникарите наредиле евакуација на станарите од зградата кои едвај се пробивале низ скалите, поради густиот чад кој се проширил низ ходниците се’ до последниот кат од зградата.
Пред интервенцијата со водени шмркови екипи на ЕВН излегоа на терен и го исклучија дотурот на електрична енергија на улицата „Маршал Тито“ во Богданци каде е лоцирана опожарената зграда.
Командирот на ТППЕ Гевгелија Игор Ризов вели дека имале помош и од фирмата „Пеливанов“ која со кран им возможи на пожарникарите да се доближат поблизу до станарите за нивна евакуација.
– „Интервенцијата на гаснење се одвиваше плански во соработка со екипите на ЕВН за елинимација на струјниот тек, во соработка со фирмата „Пеливанов“ и голема помош на граѓаните кои несебично помагаа на пожарникарите. Особено се истакнаа Џоко Станчев, кој сесрдно се вложи за брзата и навремена евакуација на станарите преку терасите на своите живеалишта“ истакна командирот на ТППЕ Гевгелија, Игор Ризов.
Акцијата на гаснење траеше до 11:30 часот, а потоа продолжи санирањето на последиците од огнениот „гостин“.
Богданчани благодарни на брзата интервенција на ТППЕ Гевгелија.
Причините за опожарувањето се засега непознати, нив треба да ги утврди инспекцискискиот наод. Засега индициите се дека се работи за дотраена електрична инсталација.
Според пожарникарскиот дневник на ТППЕ Гевгелија, гаснењето на пожарот во Богданци е 189-та интервенција на пожарните сили од Гевгелија за 2023 година.
Нека биде и последна.
Фото: К. Паунков