Дочекот на Новата година под организационата палка на општина Гевгелија синоќа привлече доста гевгеличани кои го посетија плоштадот „Фонтана“ каде беше поставена големата бина во центарот на Гевгелија, на која продефилираа локални музички и уметнички изведувачи, па и најмладите фолклористи од Миравци.
Во ведра атмосфера на сцената настапија КУД „Танец“ од Миравци, Оливера Станковска, ЛАЈФ Бенд, „ХИТС“ со членовите Моки, Марија и Слободан, Ристо Самарџиев со пријателите, резервиран за хумор беше гевгелиски стенд ап комичар Дејан Малзарков со неговите изведби од многуте ликови од „Диверзија“.
– „Да сме живи, здрави и посреќни во времето што иде, во годината 2024. Да има многу музика, многу дружба, и насмеани луѓе.АМИН“- им посака на сите Оливера Станковска.
Дали топлата зима, сувото и ведро време, или навиките на гевгеличани да излегуваат на јавни места за дочек на Новата година, плоштадот „Фонтана“ беше полн со публика, која ја прифати забавата, се смееше на хуморот, а младите родители им покажаа на малите дечиња како светла и звучна може да биде Новата година.
Еве фото галерија од објективот на Филип Данински.
Забавата заврши со огномет – со цел сите желби да бидат видливи во настапот на новата 2024 година и остварливи.
Видео: Михаил Петров.