Денеска е Божиќ, највеселиот православен празник со кој се слави раѓањето на Исус Христос.
Божиќ се слави три дена.
Свечена празнична литургија утрово беше одржана низ сите црковни храмови во земјава.
Во село Богородица во гевгелиско се отслужи свечена литургија во храмот посветен на Богоротката, Црква „Рождество на Пресвета Богородица“. Свечената литургија ја отслужи отец Влатко Бојков од гевгелиското архиерејско намесништво. Присутните верници по литургијата се причестија после пред божиќните пости.
Првиот ден од Христовото раќање луѓето си ги упатуваат празничните честитки со зборовите „Христос се роди“ и „Вистина се роди“.
Храмот на Богоротката во гевгелиското село Богородица била подигната во XIX век, но се наоѓал на друго место. Денешната црква е изградена во 1911 година од страна мијачкиот неимар Андон Китанов, а иконостасот бил изработен во 1935 година од неидентификуван зограф од Галичник. Во црквата има и стари икони од XIX век, изработени од страна на непознати зографи.
Ова двовековно црковно здание денеска беше празнично собиралиште на жителите на Богородица, верниците и поклониците на православната христијанска вера.
Христос се роди! За многу години мир, семеен спокој, благодет, љубов, сплотеност и сочувство со ближните!