Дваесет екипи од Гевгелија, Богданци, Валандово, Босилово, Стојаково, Фурка, Јосифово, Негорци, Богородица и Еднокуќево зедоа учество на првиот турнир во мал фудбал организиран пред Новата година, а финализиран пред Божиќ, „Стојаково 2023/2024“.
По 25 дневни спортски дуели на теренот од спортската сала „Стефан Мандалов – Манданата“ победник во големото финале е екипата на „Дејли кофи хаус“ од Гевгелија. Тие во големото финале ја победија екипата на месарница „Маја“ од Гевгелија која остана второпласирана. Победникот го доби и победничкиот пехар на турнирот како и парична награда од 120.000 денари. Второпласираните исто така добија пехар за Второ место, диплома за учество и парина награда од 70.000 денари.
Во победничкиот тим на „Дејли кофи хаус“ беше и Марио Благојевски кој беше прогласен за Најдобар играч на турнирот во мал фудбал „Стојаково 2023/24“.
Наградата за најдобар голман му припадна на Столе Костадинов од екипата на Месарница „Маја“ Гевгелија.
Третопласирани на турнирот беа фудбалерите од тимот на „ВИСТОНИ ЖП“ од Босилово, а четвртопласирани станаа „Токи“ од Еднокуќево. Тие беа наградени со дипломи и парични награди од 40.000 и 10.000 следователно.
Спортскиот настан се одвиваше на теренот од спортската сала „Стефан Мандалов – Манданата“ во Стојаково, а го проследија бројни стојачани и публика од околните населени места. Се играше по системот 5 + 1 со футсал топка.
Организаторот се погрижи и за разновидна забавна програма за публиката, настапија КУД „Бранд Петрушев“, младата вокалистка од Стојаково Слободанка Арнаудова, беше организирана томбола и награди за публиката, а за спортско загревање на атмосферата настапија и членовите на Карате клубот „АРМОР“.
Во спортските дуели имаше и категорија за јуниори. Овде победничкиот пехар го освои екипата на Месарница „Купанов“ од Гевгелија. Второпласирана е екипата на „Стокол“ од Гевгелија.
Турнирот имаше и свои меморијални моменти посветени на истакнатиот фудбалер и тренер на ФК „Пролетер“ од Стојаково Благој Шлепетуров – Жила. Во негова чест и сеќавање се одигра натпревар помеѓу ветераните на ФК „Кожуф“ од Гевгелија и ФК „Пролетер“ од Стојаково. Победи домаќинскиот тим со резултат 5 : 4.
Во чест на долгогодишен фудбалер и тренер на ФК „Пролетер“ Б.Ш. Жила публиката во спортската сала „Манданара“ му оддаде едномонутно молчење.
Убави спортски моменти во Стојаково на турнирот во мал фудбал „Стојаково 2023/2024“. Тоа е карта за нови организирања и традиционални спортски среќавања и догодина, па и до традиционални средби на теренот на.„Манданата“