Во чест на Василица вечерва се запалени познатите василичарски, сурварски огнови во повеќе маала низ Гевгелија.
На овој ден граѓаните слават Стара Нова Година, во чест на светецот Василиј Велики, но и како обрежување на Исус Христос. Во секое маало граѓаните со големи огнови, кои се симбол на божествената светлина ги прогонуваат лошите сили и ја испраќаат старата година.
Оние кои не кршеле погача со паричка на Бадник, тоа ќе го сторат на Василица. Според стариот обичај, од питата секој во семејството добива по едно парче, а оној кој ќе ја добие паричката ќе има среќа и бериќет во текот на целата година.
Василица кај нас се слави во сите православни храмови, многу семејства ја преземаат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден.
Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четрвтиот век. Родум бил од Кападокија, завршил школа во Атина. Бил голем христијански философ, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на овој ден во 379 година.
Според народните обичаи на овој ден младите се маскираат, одат по домовите и пеат сурварски песни, „Суравица, баклавица…. матеница. Сурваа!
Низ песната се искажуваат многу убави желби и благослови за родна година
Сурова, сурова година голем клас на нива,
голем грозд на лоза, жолт мамул на леса,
живо здраво до година, до година до амина.
Децата носат прачки, (дренови или сливови), со кои ги удираат луѓето, особено старите и болните лица, обичај што се вика суровење, што значи и тие да се сурови како прачката односно здрави. Тоа се прави и со домашните животни особено со коњите, воловите и овците поради што домаќинот василичарите ги одведува во шталата.
Е вака било некогаш. Денешните празнивња се во знакот на сурварските огнови, песните на сурварите, бомбоните, слатките што ги дава домаќинството кое е посетено со песна, лепчето со паричка.
Се за арно, за убаво да е, за здравје, за бериќет во Новата година!