Ноќва после 20:30 часот на раскрсница од регионалниот пат Дојран-Фурка се случи тешка сообраќајна несреќа во која животот го загуби едно лице, а тројца се потешко повредени.
ТППЕ Гевгелија во 20:43 часот доби известување дека треба да интервенира во извлекување на приклештени патници во превртено возило на регионалниот пат Дојран-Фурка.
– „На местото на несреќата веднаш се упати едно Противпожарно возило и четворица пожарникари од ТППЕ Гевгелија. Беше интервенирано со примена на хидроулични клешти за сечење на каросеријата на возилото и извлеување на пригмечените патници од внатрешноста на патничкото моторно возило, кое беше со бугарски регистарски ознаки. Акцијата траеше до 22:40 часот кога беа извлечени три повредени лица, патници и едно лице кое починало на лице место при сообраќајната несреќа“ – изјави за GevgelijaNet.com командирот на ТППЕ Гевгелија Игор Ризoв.
Смртта ја констатира лекар од Итната медицинска помош при Општа Болница Гевгелија. Медицински тим на ИМП беше да интервенира на местото на несреќата, каде им е укажана итна медицинска помош на повредените и истите се пренесени на понатамошен третман во гевгелиската болница.
Увид на местото на настанот изврши тим на ОВР Гевгелија. Со повеќе детали во утрешниот полициски извештај.
Неофицијално, станува збор за мигранти кои имале сообраќајна несреќа со патничко моторно возило со бугарски регистарски ознаки. Починатото лице е мигрант. Како стасале до Фурка, кој ги превезувал, дали имало и други лица мигранти, засега не е познато.