Градот кој важи за транзитна европска линија-Гевгелија, не ја заборавал традицијата за свечен дочек на Новата година и испраќањето на грижите од старата, со песни, музика, игри и танци до полноќ и после полноќ.
Новото напредно послевоено време ги направи актуелни друштвените собирања за Нова Година. Прво беше актуелен „Задругар“, потоа Клубот, па следуваа новите угостителски објекти, мотелот од југословенскиот угостителски ланец „Inex“ кај Вардар, подоцна новиот објект на Негорските минерални бањи со ресторанстскиот простор.
Се славеа 31 наспроти 1-ви јануари, а се славеше и првиот ден од годината 1-ви, наспроти 2-ри јануари за тие што не обезбедиле место за новогодишно славење, или за неуморните за забава кои ги поминуваа во друштво и двата празнични деноноќја.
Се шиеше празнична гардероба за двата празнични дена, за со ново и со подновено да се започне годината. Поголемиот дел секако славеа со домашна празнична веселба во друштво со музика од радио, или од грамофон, а најчесто се пееја песни од страна на музичките мераклии, нестрпливи веселбата да не помине без добра песна, весели ноти за љубов, за среќа, за чочек и по некоја тарамбука, или со прсти удирање по маса за такт.
Такви беа времињата. Скудни, но убави, исполнети со среќа, надеж и полна душа за дружење.
Фото: Гевгелиско друштво на дочек на Нова година во мотел “Вардар” 60-те год. XX век
Да откриеме дел од друштвото: Илија Шутев е на средина од фотографијата долу и наздравува со чаша вино, над него во центарот исправен во темен костим е Владо со прекар Бишто, прва од лево е Елена Дојранлиева, а до неа Марика сопруга на Владо, преправениот во Дедо Мраз е Живко Дојранлиев (сопруг на Елена).