Согласно со Законот за празниците на Република Македонија (Сл.весник на РМ број 21/98 и 18/07) во 2024 година петок, 19 јануари, ден Богојавление (Водици) според православниот календар е неработен ден.
Традиционално и годинава на ден Водици, 19 јануари ќе се одржи свечениот чин на потопување на Светиот крст во водите на реката Вардар по кој се пуштаат многу храбри гевгеличани и жители од околните села.
По тој повод гевгелиското Архиерејско намесништво најави Богојавленска церемонија и пливање по чесниот крст во водите на реката Вардар кај стариот мост, на пладне во 12:00 часот. Се покануваат сите здрави доброволци кои сакаат да учествуваат во оваа света Богојавленска церемонија да се јават во црквите, заклучно со ден четврток 18 јануари.
Чествувањето на денот ќе започне уште о утринските часови со Свечени Божествени литургии кои ќе се одржат во градските цркви „Св. Кирил и Методиј“ и „Св. Спас“ во 8:30 часот, а ќе следува и Голем Богојавленски водосвет во дворовите на црквите во 10:30 часот.
Се очекува и годинава голем број верници и граѓани да учествуваат на чинот на осветувањето на водите на Македонскиот Јордан, потопувањето на Светиот крст во водите на реката Вардар, и пливањето по чесниот Животворен крст. За среќниот носител на крстот предвидени се богати награди од Црквата, Општината и донатори.
Фото-насловна: Мирните води на Вардар чекаат да бидат осветени