Сензорна инклузивна соба со реквизити за анимација и окупација на деца посетители на детските градинки во Гевгелија е отворена денеска во рамките на централната градинка „Детска радост“ во Гевгелија.
На овој значаен чин на полето на детката заштита и потикнување на инклузивно општество присуствуваа Амбасадорот на Народна Република Кина во Р.С.Македонија неговата екселенција Џанг Ѕуо и Министерката за труд и социјална политики Јована Тренчевска.
Сензорната соба е финансирана со средства од НР Кина со финансиската поддршка која Амбасадата ја има дадено на Министерството за труд и социјална политика во вредност од 50.000 евра. Такви сензорни соби досега се отворени во Струмица и Велес, а третата во Гевгелија. Со овој вид опременост значително се зголемува инклузивноста на градинките и им се овозможува на децата полесен пристап до предучилишното воспитание и образование.


Гостите ја посетија сензорната соба и се интересираа за професионалната кадрова екипираност на градинката и инклузивната функција на новото катче во „Детска радост“. Овде директорката Елизабета Стефановска ги запозна со капацитетот на ЈОУДГ „Детска радост“ која згрижува 770 деца од предшколска возраст од општината, функционира во седум објекти, три во Гевгелија и уште 4 во населените места во општината. Напомена дека е во тек довршување на градбата на нов клон во ДГ „Сончогледи“ каде ќе се зголеми опфатот на децата за уште 110 најмали жители на општината со што комплетно ќе се задоволат потребите за згрижување на деца од предшколска возраст во Општината.
Амбасадорот изрази задоволство што се посветува внимание на децата со посебни потреби и нивната правилна подготовка за понатамошното образование и вклученост во животот во својата заедница.
По разгледувањето на „сензорната соба“ гостите ја проследија програмата која ја изведоа дечињата од градинката како добредојде и благодарност што покажуваат грижа за најмалите. „Ние сме деца на светот, сакани, без разлика на раса, боја, пол“ порачаа дечињата низ песни и игри за кои добија бројни аплаузи.
Амбасадорот од име на НР Кина подари мечиња панда за дечињата од градинката и прибори за цртање и вазна која асоцира мир, со која го крунисаа пријателството со најмладите од Гевгелија.
Дечињата од гевгелиската градинка на Амбасадорот и на Министерката им подарија свои изработки-ракотворби, стилизирана форма на нивната градинка и дечиња на неа со пораката „Ова е нашиот подарок за добредојде во градинката!“
Со вакво добредојде овие наши дечиња ќе привлечат уште пријатели, уште донатори, за доброто на децата, за нивно згрижување и правлиен развој како идни чинители на нашето општество.
Министерката Тренчевска ја нагласи глобалната важност да се работи заедно за да се создадат инклузивни средини. Со поддршка на Амбасадата на Кина обезбедени се инклузивни игралишта во Кривогаштани, Крушево и Струмица, инвестиција од 50.000 евра. Ова е доказ на нашата убеденост дека секое дете треба и заслужува да има пристап до рекреативни простори кои го поттикниваат нивниот развој, истакна министерката Тренчевска.
Сензорните соби се опремени со модерна опрема која вклучува: пластични провидни топчиња со базен, акрилно огледало, воден ѕид со меурчиња со интегрирана воздушна пумпа и извори на светлина, тешко ќебе, терапевтски пени за сензорна стимулација, LED интерактивен светлечки тепих, трамболина со прицврстен држач и слично.