Согласно Законот за Влада, пратениците, со 65 гласа „за“ и три „против“, во рамки на 141. пленарна седница, ја изгласаа Владата која ќе биде на должност во периодот од 100 дена, се’ до претстојните избори во земјата, односно до конституирањето на новиот собраниски состав и изборот на нова влада.
Ова е третата преодна Влада во политичката пракса на Македонија од 2016 година до сега.
Со изборот на Џафери за премиер престанува неговиот мандат како пратеник во Собранието.
По свечената изјава на министрите во составот на техничката влада, нејзиниот претседател Талат Џафери даде прва изјава во својство на премиер, но посочи дека нема што посебно да додаде од она што го кажал во експозето при претставување на програмата и на составот на Владата од собраниската говорница.
Талат Џафери го коментираше тоа што во заедничката фотографија на техничката Влада по нејзиниото изгласување на 141-вата седница ги нема министрите од ВМРО-ДПМНЕ Панче Тошковски и Ѓоко Велковски, кои во идните 100 дена ќе раководат со министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика и им порача на граѓаните да не ги загрижува сликата што ќе ја видат без нив.
Откако кабинетот на Џафери ја даде свечената изјава, новиот претседател на Собранието, Јован Митрески, им го честита изборот на претседателот на Владата и на новите министри, изразувајќи очекување дека успешно ќе ја извршуваат функцијата и ќе имаат добра соработка со законодавниот дом.
Единаесеттите парламентарни избори ќе ги распише новиот претседател на Собранието, Јован Митрески, согласно роковите предвидени со Уставот и Изборниот законик, а, како што е најавено, тие годинава ќе се одржат заедно со вториот круг од седмите избори за претседател на државата.