Локалната самоуправа на Гевгелија и финансиската самостојност во буџетитањето и поддршката на проектите од значење за општината имаат свој залет со фискалната децентрализација на општините во Македонија.
Тоа ги охрабри општинските челници да одвојат средства од општинскиот буџет за поддршка на проекти од областа на културата и спортот што се од значење за развојот на културата и спортот во општина Гевгелија.
Пред 18 години овие одлуки тежеа по 1.000.000 денари за културата и исто толку, 1.000.000 денари за развој на спортот.
По смена на четири радоначалници и локален состав на општинскиот Совет, по изминати 4,5 мандати практикување на овие финансиски бенефиции за културните и спортски работници во општината да погледнеме колку тие пораснаа во вредност, а за бенефитот кој го добиваат граѓаните од културата и спортот можат да проценат и самите граѓани.
Годинава Програмата за финансиска поддршка на културните активности во општината тежи 7.000.000 денари и е наменета за 54 културни друштва, поединци, групи.
Програмата за финансиска поддршка на спортските активности за 2024 тежат 21.000.000 денари и се наменети за 40 спортски клубиви и спортски настани во општината.
Од тоа, најголем износ од 9.000.000 денари се одвојува за КК „Кожуф“,, а за ФК „Кожуф“ 5.000.000 денари. ЖРК „Гевгелија“ 1.000.000 денари, РК „Партизан“ исто така 1.000.000 денари, АК „7-ми Ноември“ 900.000 денари. и други помали клубови и поединци, спортисти.
Од 2006 година до сега финансискиот колач за поддршка на проектите за култура и спорт одвоен од општинскиот Буџет пораснал за 1.300 од сто. Поголем пораст бележи поддршката за спорт, цели 2000% за изминатите 18 буџетски години.
Дали имаме успех кој спортски ја краси општината со трофеи, пехари, спортски прваци, спортски великани со ваквата енормна поддршка во областа на спортот?
Денеска 37-та седница на Советот на општина Гевгелија на која се разгледуваа буџетските извештаи за постигнатото од спортските клубови и културни друштва за доделените финансиски дотации за 2023, што е услов за конкурирање за нови средства за финансирање од локалниот буџет за 2024 година, беше прекината, со подолга пауза. Причината беше недоставениот Извештај за начинот како и на какви активности се потрошени доделените средства од Буџетот на општината за КК „Кожуф“ кој минатата година инкасирал општински средства во вредност од 9.450.000 денари.
Советничката група на СДСМ во општинскиот Совет реагираше за нетранспарентна и незаконска постапка за распределба на буџетските средства во областа на спортот со ваквиот третман на КК „Кожуф“ да го стави во програмата за спорт за 2024 година без доставен извештај за потрошените средства од програмата за спорт за 2023 година. При тоа, напоменуваат од СДСМ, клубот е пред излегување од Првата македонска кошаркарска лига, имплицирајќи на ниските резултати кои не одговараат на енормната финансиска помош што клубот ја добива од општинскиот Буџет.
Буџетите растат, растат и одвојувањата за спортот и културата на општинско ниво.
Колку одвоените средства од локалниот буџет, тој кој што го полнат сите граѓани на општина Гевгелија, допринесоа изминативе 18 години за побогат спортски и културен живот на гевгеличани и заинтересираната спортска и културна публика во Гевгелија!???
Програмите за финансиска поддршка на културата и спортот во 2024 година преку општинскиот Буџет беа усвоени доцна ноќва од мнозинството во локалниот Совет.
Ги очекуваме спортските и културни возбудувања!