Од денеска 1 февруари 2024 започна да се применува „Зонското паркирање“ во Гевгелија со наплата на користењето на јавните паркинг површини во градот согласно ценовникот за наплата на услугата паркирање донесен од Советот на општина Гевгелија во октомври минатата година.
Иако има повеќе паркинг зони во градот, услугата започнува да се наплаќа само во „Зона А1“ и „Зона А 2“ , каде минатата недела беа поставени информативни табли за системот на наплата. На располагање се 137 паркинг места и за нивно користење се наплаќа паркинг од 07 до 21 часот од понеделник до петок, односно од 07- 17 часот за сабота. Цената е 30 денари од 1 час, а максималното дозволено време за паркинг е 2 часа. Потоа следува „блокатор“ за непрописно паркираното возило и наплата на казна. Ова се правилата донесени со Ценовникот за наплата на услугите за користење паркинг простор.
Ја посетивме „Зона А1“ во строгиот центар на градот улицата „Маршал Тото“. Сликата од почетокот на „зонскиот ден“ е аветинска – автомобили нема, ниту еден. СЕ’ е празно.

Во делот од улицата „Маршал Тито“ каде не е обележан за наплата на паркинг просторот автомобилите се наредени, паркирани долж десната страна на улицата.


Таков е примерот и со стариот градски пазар во Гевгелија кој функционира како паркинг простор, а по некоја логика носителот на паркинг услугата го изземал од системот за наплата на „зонско паркирање“. Овде „врие“ од автомобили.


Значи, пораката од граѓаните од првиот ден со примена на „Зонско“ во Гевгелија е:
„Не ви плаќаме зонско! Ќе паркираме по сокаците!“