Во земјава денеска се одбележуваат 152 години од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, визионерот, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите.
Во националната меморија на македонскиот народ кукушанецот Ѓорѓи Николов Делчев, или попознат како Гоце Делчев (4.02.1872 – 4.05.1903), останува запаметен како еден од најголемите македонски национални херои, кој го трасираше патот кон македонската државност и самобитност. Уште додека бил жив, народот го овековечил како „апостолот и срцето на револуционерна Македонија“.
– „Јас по душа сум анархист, по убедување социјал демократ, а по дела револуционер“ – изјава на Делчев за неговата оределба во делувањето.
Гоце е запаметен од историјата како револуционерен демократ и народен трибун. И покрај влијанието на левичарските идеи, Гоце бил типичен национален револуционер.
Гоце Делчев беше свесен оти конкретната тогашна ситуација во Македонија не трпеше шаблонска примена на научни погледи и револуционерни идеи, кои не одговараа на специфичните услови што тогаш беа присутни во Македонија. Токму поради тоа, тој дејствуваше како типичен револуционерен демократ и трибун, кај кого, поради специфичните објективни услови и околности, националноослободителната револуционерна идеја беше секогаш во преден план.
Тој е македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век
Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Денеска твојот 152 роденден се слави во црквата „Свети Спас“ во Скопје со бројни почести од бројни делегации. Делата и аманетот за слободна и самобитна Македонија не ти се заборавени.
Пред гробот на Гоце Делчев денеска се поклонија претседателот на државата Стево Пендаровски, делегација на техничката Влада и на Собранието, како и претставници на дипломатскиот кор, на политички партии и на граѓански здруженија. Панихида одржа поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан кој упати порака дека љубовта кон татковината се потврдува само со дела.
Ти благодариме учителе за се’ што вложи и што остави во аманет за слободна Македонија!