Откако ја загуби битката со ракот, на 52 години почина Маре Поп Зафирова, родум од Гевгелија, ќерка на познатиот гевгелиски фризер Попче.
Го носеше генетскиот дар да биде мајстор фризер како и нејзиниот татко, но отиде чекор понатаму – ги разубавуваше и усреќуваше матурнтите, од социјално загрозени семејства. Нејзината хумана мисија да го разубави најубавиот ден во животот на матурантите стаса и до медиумите и остана препознаена како хуманата фризерка Маре.
Бројни пријатели и клиенти на струмичката фризерка Маре Поп Зафирова денес се простуваат со неа на социјалните мрежи, каде таа работеше како фризерка повеќе од 30 години, а пред десеттина години беше помеѓу првите во земјава која започна да прави бесплатни фризури на матурантки од социјално загрозени семејства.
Веста за хуманата фризерка тогаш се прошири на социјланите мрежи, а во интервју за „Фокус“ таа раскажа како дошла до идејата да им ја разубави матурската забава на голем број на девојки од Струмица и околината.
Во тогашното интервју таа откри дека растела со самохрана мајка и двајца браќа и добро и било познато чувството како е да немаш. Токму поради тоа, сакала да даде свој придонес, сите матуранти да се чувствуваат посебно за матурската забава, која е важен настан во нивниот живот.
– „Дојде едно девојче во салонот и ме праша колку чини фризурата која што ја посакувала за матурската вечер. И ја кажав цената, и беше некако незгодно, се гледаше дека нема доволно пари. Едвај некако засрамено ме замоли дали може да и намалам цена. Ми се скрши срцето, многу се растажив…
Го погледнав девојчето, целото збунето, и му реков дека бесплатно ќе му направам фризура. Не му се веруваше, но многу се израдува. Сфатив дека тоа не е единственото девојче во таква состојба, па затоа на мојот Фејсбук профил објавив дека матуранти од социјално загрозени семејства можат да дојдат и да закажат бесплатна фризура за забавата кај мене.
Се работи за три дена, колку што е одржувањето на матурските, и можам без проблем да направам околу 25 фризури во тој период“ – вака Маре раскажа за стартот на својата хумана мисија за матурантите.
За ова големо срце од човек кое денеска замина во вечен спокој испраќаме ПОСЛЕДЕН ПОЗДРАВ од Гевгелија и гевгеличани!