Во Македонија регистрирани се 22 случаи на „голема кашлица“, бројка која претставува повеќе од двојно зголемување на бројот на заболени, во однос изминатиот петгодишен период (2018-2023 година), поради што здравствените власти стравуваат од можна појава на епидемија.
За некого, за здравствено не упатени, бројките изгледаат малку, за гевгеличани можеби изгледаат незагрижувачки зошто нема ниту еден заболен со „голема кашлица“ во Гевгелија, но тешкотиите кои ги чувствува еден заболен, а особено децата се големи.
За таа цел д-р спец. токсиколог Нико Беќаровски упати здравствен совет на социјалните мрежи со приказ како изгледа борбата за здив на заболено лице од „голема кашлица“ и повика на имунизација.
- „Почитувани граѓани,
Одвоите 2 минути и 23 секунди од Вашето време за видеово.
Вака изгледа и звучи беспомошно бебе заразено од “магарешка кашлица” #PERTUSSIS.
Постои само еден начин маките на овие беспомошни суштества и нивните избезумено родители, да ги спречиме.
Зошто нешто што може толку едноставно да се спречи, треба толку трауматично да се лечи ??
Советот е мој, а изборот е само Ваш“ – порача д-р Беќаровски на својот фејсбук профил..
Бебенцето се бори за здив, не може да земе воздух да се исплаче, заикнува без здив откако ќе се искашла. Поради ваквата празнина на грло без здив, оваа кашлица во народот е позната како „магарешка кашлица“.
Од 22та случаи на заболени во државата, во однос на возраста, заболените лица се на возраст од 1 месец до 23,5 години. Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години, односно 9 случаи (40,9%) припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 8 (36,4%) се деца на возраст од 1 до 4 години.
Првиот пријавен случај е на 05.01.2024, а само во последните 7 дена се пријавени 11 случаи или половина од досега регистрираните случаи.
Надлежните препорачуваат вакцинација и превенција за помош на организмот да се справи со овој вирус.
Во однос на вакциналниот статус, 18 лица (82%) од заболените не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани согласно возраста и Календарот за имунизација. Два случаи се комплетно вакцинирани за возраста, за два случаи вакциналниот статус е непознат.