Со известување на социјалните мрежи кое за изминатите 10 часа нема ниту еден „like“ денеска ЈПКД „Комуналец“ ги информираше граѓаните дека стапија на сила новите цени за водни услуги на претпријатието кон граѓаните за тековната 2024 година.
Одлуката е објавена во Службен весник на РСМ од 30 јануари годинава и стапува на сила со денот на објавувањето. Тоа значи дека граѓаните на општина Гевгелија, корисниците на водните услуги од ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија од следниот месец ги очекуваат повисоки сметки за вода за 49,15%.
Значи ако плаќавте 1.000 денари сметка за вода, за следниот месец февруари сметката ќе ви изнесува за половина повеќе, т.е. околу 1.500 денари.
Пораст на месечните трошоци за водни услуги ќе го најдете во сметките за вода во следните позиции:
1. Вода – сегашна цена 19,10 ден/м3 од февруари ќе чини 26,27 ден./м3 (пораст од 37,54%)
2. Прочистување на отпадни води – сегашна цена 8,50 ден/м3 се покачува на 16,13 ден/м3 (пораст од 89,76%)
3. Одведување урбани отпадни води – сегашна цена 5,95 ден/м3 , нова цена 7,64 ден/м3 (пораст од 28,4%)
Значи, досегашната цена за трите услуги: за вода, за прочистување отпадни води и одведување урбани отпадни води сумарно изнесуваше 33,55 ден/м3, а со новата одлука предложена од ЈПКД „Комуналец“ а верификувана од Регулаторната комисија овие три услуги ќе пораснат на 50,04 ден/м3. Сето ова е пораст на месечните сметки за вода од 49,15%.
На ова се надоградуваат и другите позиции од сметките на Комуналец: Надоместок за канализација, ѓубрарина по станбен простор, ѓубрарина за дворно место, надоместок за јавна чистота, баждарење на водомери и на крај ставката за ДДВ.
И ова не е се’.
Гевгелиски Комуналец во истата „Шок“ вест за граѓаните, известува дека Регулаторна им одобрила пораст на цените за 2025 година за нови 5,51% во календарската 2025 година во однос на цените од 2024 година, и уште една, трета по ред шок вест, дека цените за водните услуги ќе пораснат и во 2026 година за нови 4,36% во однос на 2025 година,
Честит Св.Трифун од гегелиски „Комуналец“ – Во виното е вистината, а во порастот на цените за водни услуги лежи новиот финансиски товар на семејниот буџет на гевгеличани.
Чаре има ли од задолжувањата на граѓаните кое од овој месец февруари во галоп ги спроведува „Комуналец“ по наплатата на нашите улици како јавни паркинзи, сега и со порастот на цените за води услуги?
Оснивач на јавното комунално претпријатие е Советот на општина Гевгелија и Советот е единствено тело кое ги одобрува цените на услугите на претпријатието кое го основал. Членовите на Советот на општина Гевгелија може и да го одбијат покачувањето на цените на „Комуналец“. Па, чекаме да ги видиме храбрите гласачи !