Традиционално и годинава во чест на заштитникот на лозарите, овоштарите, полјоделците Свети Трифун извршено е свечено закројување на лозјата низ насадите со винова лоза во Гевгелиско.
Како и секогаш многубројно посетено е одбележувањето во црквата „Света Петка“ во с.Прдејци каде и годинава со свечена церемонија и божји благослов изречен од свештеникот Марјан Радински се одржа свеченото закројување на лозата во дворот на црквата.
Настанот го проследија жителите на с.Прдејци, бројни гости, па и најмалите жители на ова населено место кои заедно присуствуваа на празничен ручек во чест на Св.Трифун.
Според обичаите, на денешен ден 14 февруари за прв пат се оди на лозјата за закројување во оваа календарска и плодна сезона, надевајќи се дека светецот Трифун ќе помогне грозјето да биде благо, а бочвите полни со вино.
Попрскувањето на лозјето со света вода и поткаструвањето на гранчињата се прави со верување дека Св.Трифун ќе го заштити родот од разни болести, штетници и од невреме. Исто така постои верување дека светецот на овој ден забодува факел во земјата па снегот почнува да се топи, според народните преданија.
Голем број гевгеличани имаат лозарски насади и овој ден го одбележуваат на свој начин и во своја организација со цел благородност на посевите и лозјата. Сезоната на кроење продолжува и после денот на Св.Трифун. Па, аирлија работа и со бериќет да го залеете трудот свој.
СРЕЌЕН празник лозари, овоштари, Трифуновци и други славеници!