На граничниот премин „Богородица“ царинските службеници спречија обид за нелегално внесување на црковни предмети меѓу кои и 51 икона, свеќници, нараквици со монистри како и 260 килограми темјан, со проценета вредност од 140 илјади денари, при што е избегнато плаќање на царински давачки од 50 илјади денари.
Црковните предмети се пронајдени во камион со регистарски таблички од Босна и Херцеговина, управуван од босански државјанин, кој транзитирал преку нашата држава од Република Грција кон Република Хрватска и превезувал спортска опрема.
Непријавените црковни предмети се пронајдени во товарниот дел на приколката помеѓу декларираната стока.
Стоката е запленета, а против лицeто е поднесена соодветна пријава.
Освен обидот за криумчарење на икони, царинските работници на уште 4 царински испостави во државата спречиле обид за шверц на цигари, стоматолошка опрема, 100 тегли маџун и 5 килограми зачин шафран чија цена е 1.500 евра од килограм, што во различни случаи лица се обиделе нелегално да ги внесат во државата.
На граничниот премин Меџитлија, царинските службеници спречија два одделни обиди за нелегално внесување на непријавени 28 штеки со цигари во државата.
На влез на „Деве Баир“ пак при контрола на патничко моторно возило со косовски регистраски таблички во багажот на возилото се откриени 100 тегли маџун коишто патниците не ги пријавиле.
При контрола на возило на царинска испостава Делчево е пронајдена и стоматолошка опрема која возачот ја скрил во џебовите од јакната и во пределот зад предните седишта кои биле скриени во мали кеси и кутии спакувани во книжна кеса со облека.
Стоката во сите случаи е запленета, а против лицата се поднесени соодветни пријави.