Утрово во 2 часот после полноќ бил пријавен пожар на улица „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија.
Екипа на ТППЕ Гевгелија се упатила на терен со три противпожарни возила и 10 пожарникари, а во текот на четиричасовната акција била извршена неколку пати достава на вода со цистерни.
Се интервенирало од 02 часот после полноќ до 06 часот изутрината, во гаснењето на семеен објект – две куќи лепенки. Во едната куќа живеело петточлено семејство, а другата била не вселена, но со целосна покуќнина.
Во пожарот изгорени се кровните конструкции на куќите, но опожарена е и целата покуќнина во просториите, собите.
Семејството на З.Б. остана без услови за живот во своето живеалиште кое го „голтна“ огнената ноќ. Стојат само зачадените ѕидови да сведочат за несреќата која ги задеси.
Тимот на ТППЕ Гевгелија успеа во текот на четиричасовната интервенција да ги спаси околните куќи од можно опожарување во густо населеното маало. Поради згариштата кои останале да догоруваат од изгорениот кров и после интервенцијата се дежурало на опожареното место за да не се случи ново разгорување на огнот.
Екипи на МВР излегоа на терен, инспектори по пожар, се подготвува записник. Причината за пожарот се очекува да ја изнесе инспекторскиот наод.
Хумана Гевгелија треба да се активира за да се помогне на ова семејство.