МВР јавува дека денеска се лишени од слобода 10 лица кои дејствувале како криминална група за набавка, продажба и пуштање во промет на марихуана.
Групата била составена од четири жители на Гевгелија, три од Струмица, две од Струга и едно лице од Демир Капија.
Акцијата за нивно разобличување била започната од октомври 2023 година. Во неа учествувале Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за недозволена трговија со дрога при Бирото за јавна безбедност, а денеска беше спроведена координирана полициска операција со цел сузбивање на организирана криминална група која делувала на неколку локации на територијата на Република Северна Македонија.
Во полицискиот извештај е наведено следното:
– „ Денеска, полициските службеници од слобода лишиле 10 лица, од кои четири од Гевгелија, три од Струмица, две од Струга и едно лице од Демир Капија. Притоа, извршени се претреси на четири локации во Струмица, Струга, Гевгелија и Битола и обезбедени се материјални докази, односно пари и поголема количина на наркотична дрога која потекнува од правен субјект регистриран за извршување на дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија наменети за медицински цели.
Приведените лица ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка, пронајдената дрога ќе биде дадена на вештачење, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 став 3 од Кривичниот законик – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори” – известуваат денеска од МВР.
Веста денеска ја објавија и националните ТВ медиуми. Од Сител, во контакт со претставници на МВР и обвинителството дознаваат дека:
– „Водач на групата бил екс градоначалник на Ново Село Боро Стојчев, а во Гевгелија уапсен е Симе Франгов, син на поранешниот градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов, кој во декемви во 2023 година смртно прегази пешак од Нов Дојран“
Ова е од вестите на Сител во 16:00 часот, ТВ прилогот за апсењето на 10-члената криминална група, меѓу кои и гевгеличанецот С.Франгов започнува во 12-та минута и 20 секунди од снимката:
На 10-члената група дилери според Член 215, став 3 од КЗ им се запретува казна затвор од најмалку 5 години.
(3) „Ако делото од став 1 го извршиле повеќе лица или сторителот на ова дело организирал мрежа на препродавачи или посредници или организирал дејствие од ставот (1) на овој член, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години.“
Според КЗ: „(7) Наркотичните дроги, психотропните супстанции и прекурсорите, како и подвижните или недвижните предмети употребени за нивно правење, пренесување или растурање, ќе се одземат“.