После три години од формирањето Атлетскиот клуб „7-ми Ноември“ од Гевгелија се етаблираше во препознатлив спортски аниматор на младите, љубители на спортот, а со своите активности и над 120 членови, организации, победи и трофеи прераснува и во спортски маркер на Гевгелија во државата и на меѓународно ниво.
Тоа го предизвика и интересот на Атлетската Федерација на Македонија која познатата трка „November run Gevgelija“ минатата 2023 година ја лиценцираше во Државен шампионат. Тоа придонесе за понатамошна соработка со Федерацијата за афирмација и популаризација на атлетиката во градот со најбројната трка.
Вчера, на покана на АК „7ми Ноември“- Гевгелија, беше остварена средба во Гевгелија помеѓу претседателката на Атлетската федерација на Македонија Александра Војнеска-Зикова, секретарот на АФМ Димитар Петровски, градоначалникот на Општина Гевгелија Андон Сарамандов и двајцата претставници од гевгелискиот Атлетски клуб Тодор Анчев и Драган Ристов, активни спортисти, членови на Управниот одбор на клубот и основачи на АК „7-ми Ноември“ Гевгелија.
На средбата беше разговарано на повеќе теми меѓу кои пред се’ за развојот на атлетиката во државата, со посебен акцент на детската атлетика и инфраструктурата.
Во следните месеци АК „7ми Ноември“ Гевгелија и Атлетската федерација на Македонија, со поддршка на Општина Гевгелија ќе работат заеднички на неколку проекти поврзани со атлетиката во овој реон.
– „Беше истакнато дека Гевгелија прераснува во спортски центар, особено во атлетиката каде клубот има преку 120 активни членови, а трката „November run Gevgelija“ станува силно обележје на градот и спортот во Гевгелија, но и државата“ – истакнуваат од гевгелискиот атлетски клуб „7ми Ноември“.